Радовиш може да здивне. Едниот крак од огромниот пожар на планината Готен кој се закануваше да се прошири кон градот и околните села е конечно ставен под контрола. Само во битката со овој дел од пожарот на терен се излезени над 250 луѓе, пожарникари, како и припадници на армијата и специјалци од МВР. Се гаси од земја и воздух. Хеликоптер ја надлетува планината, а активирани се и специјализираните возила – четирите БТР – 80 , четири хермелини и 8 пинцгауери, кои од утрово се распоредени на критичните места и дејствуваат со моќните водени топпови кои стигаат и до 100 метри. БТР-ите буквално го “газат” огнот, хермелините ја чуваат трасата, пинцгауерите влегуваа онаму каде што е најтесно, а пешадијата и хеликоптерот стигаа секаде каде што треба набрзина. Благодарение на одличната координација, овој дел од пожарот кај селото Јарголица е ставен под контрола.
„Мобилизирано е се она што државата можеше да го мобилизира и на централно и на локално ниво, а особено голема благодарнсот до месното население кое секогаш е најактивно кога пожарот ќе се приближи до нивните домови и нивните објекти“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Со слична мини-армија се води битката и на другиот крак кој гравитира кон Берово. Глетката на планините Готен и Малешевските планини е ужасна. Пеплосани дрвја, шуми и изгорен дивеч. Целосно е пеплосана нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Освен на овие планини, пожари има и на други локации низ Македонија – најкритично се уште е во неколку села на територијата на Прилеп. За разлика од таму, под контрола се ставени пожарите во Македонски Брод и Карбинци, а целосно изгаснати се на дел од териториите во Македонска Каменица, Старо Нагоричане, Кратово, Куманово, Кичево, Желино, Петровец и Крива Паланка. Покрај илјадниците хектари шума и земјиште, пожарот направи сериозни штети и по дивечот.
„Има доста штета направено и на дивечот – зајци, диви свињи, ежови, желки… Наидовме на страшна глетка. Пред неколку дена имаше изгорено јазовец… страдаат и дивите животни“, изјави Ѕвонко Ангелов, заменик директор на Национални Шуми – Радовиш.
Откако Mакедонија го активираше системот за цивилна заштита на Европската унија, први кои се одзваа се Чешка и Словенија. Се очекува во битката со огнената стихија наскоrо да се вклучи еден Чешки Блек Хок и тим од 50 словенечки пожарникари со специјални возила за шумски пожари.

