Македонија во пламен. Шест активни пожари беснеат низ територијата на државава, а три се ставени под контрола – информираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Најопасно е на планината Готен, кадешто веќе 10-ти ден, гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Пожарникарите и вработените во Национални Шуми се веќе истоштени од борбата со огнените јазици на планината Голем Готен и Малешевските Планини кој се наоѓа на тромеѓето меѓу општините Радовиш, Берово и Василево. Поради сериозноста на ситуацијата, доцна синоќа градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски по одржаниот кризен штаб го повика населението и одговорните компании да помогнат во битката со пожарот. Уште од 5 часот утринава, оганот се гасне од земја и воздух. Вклучени се пожарникари, вработени во ЈП „Национални шуми“, месното население, специјализирани возила, како и ер трактори и хеликоптери. Последните информации се дека тој ќе биде ставен под контрола како не би стигнал до селата Владимирово, Мачево и Русиново.
Многу покритично е на другата страна на планината кон градот Радовиш, кадешто теренот е понепристапен за гаснење на огнот. Иако овој пожар пред неколку дена беше ставен под контрола, наеднаш поради големиот ветер се распламти на голема територија. Сега со булдожери се прават просеки на 100-тина метри од населените места за тој да биде запрен, а со тоа и да се овозможи влез на хермелините, пинцгауерите и БРТ возилата да го изгаснат огнот.
Во Прилепскиот регион се активни два пожари, едниот се проширува во село Бешиште кон село Градешница и кон граничниот појас со Грција, а вториот крак е кон село Дрен, додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани засега е под контрола. Во општина Македонски Брод, повторно се шири пламен меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. Во штипскиот регион има нов пожар помеѓу селата Драгоево и Селце. Во општина Желино, огнот беснее меѓу селата Церово и Групчин. Три пожари се ставени под контрола во Грешница и Латово во општина Македонски Брод и во Јунузлија во општина Карбинци. Сепак, надлежните се претпазливи бидејќи пожарите постојано се реактивираат поради ветерот и високите температури.
