Брисел подготвува патокази за полесно пристапување на четири земји кандидати за членство. Бриселски „Политико“ пишува дека за прв пат се размислува да се утврдат рокови за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија за завршување на клучните фази од преговорите.
Повикувајќи се на двајца високи претставници на Европската комисија, кои работат на нацрт предлозите, во текстот се вели дека овие четири земји се сметале за предводници процесот на пристапување кон ЕУ, но се уште се соочуваат со бавен напредок и нејасни рокови, за тоа кога формално би можеле да бидат примени.
-Иако Брисел одамна го поддржува нивното членство, патоказите би претставувале првпат тие да добијат уверување дека, доколку продолжат со спроведувањето на неопходните реформи, ќе бидат примени — како и индикативни рокови за завршување на преговорите. Патоказите ќе појаснат што точно се очекува од секоја кандидатка, изјави еден од претставниците, но истовремено ќе создадат обврски и за сегашните членки на ЕУ, кои треба да дадат согласност за процесот да продолжи. Плановите ќе содржат и приближни рокови за формално завршување на групи реформи, познати како преговарачки „кластери“ — важни пресвртници на патот кон членството, се вели во текстот на „Политико“.
Како што пишува „Политико“ другите кандидати кои се во порана фаза од процесот, како Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, во оваа фаза нема да добијат вакви патокази. Што конкретно значи тоа за нас, во анализата на Политико не се наведува. Во истата група се и Грузија, Турција и Србија, чии апликации се во застој. Сепак во текстот се вели дека се уште се размислува за т.н. фазно членство, односно постепена интеграција во Европската Унија.
-Европските претставници се загрижени дека процесот на приклучување кон ЕУ трае предолго, што може да предизвика разочарување кај земјите што сакаат да се приклучат или да ги изложи на притисок од ривалите да се откажат од членството. Овој потег доаѓа во време кога политиките на ЕУ за „пристапување пред членството“ се предмет на одделна реформа. Според европските претставници, на кандидатките треба да им се понуди подобар пат кон „постепена интеграција“ во Унијата — со користење на економските придобивки и пристапот до заеднички проекти како награда за напредокот, се вели „Политико“.
Инаку, во текот на оваа недела претседателката на Европската Комисија оваа недела ќе биде во работна посета на Западен Балкан, каде ќе оствари официјални посети на Македонија, Црна Гора Албанија и Косово. Нема да ги посети Босна и Херцеговина и Србија, бидејќи и двете држави се во предизборие.
Матеја Петровски

