Во Битола денеска —под надзор на полицијата — со камиони започна дистрибуцијата на доверливиот изборен материјал за локалните избори 2025.
Од печатницата „Киро Дандаро“ тргнаа над четири и пол милиони гласачки ливчиња, подготвени за недела, 19 октомври, кога граѓаните ќе го избираат локалното раководство.
Најдолгото ливче е половина метар — симбол за бројните кандидатски листи во општините низ државата. Дистрибуцијата ја вршат 17 тимови на ДИК.

„Согласно законските рокови и планот на ДИК, денеска од печатницата ‘Киро Дандаро’ во Битола, ДИК врши дистрибуција и примопредавање на целокупниот доверлив изборен материјал до сите 80 Општински изборни комисии и комисијата на Град Скопје. Доверливиот изборен материјал се состои во сите испечатени изводи на избирачките списоци, оригиналните записници за секое избирачко место, како и сите гласачки ливчиња. Седумнаесет тимови на ДИК во текот на денот, заедно со обезбедување на МВР, ја вршат дистрибуцијата на материјалот. Испечатени се вкупно 4.613.438 гласачки ливчиња за цела држава, за градоначалници, советници, како и за Град Скопје – посебно за градоначалник и посебно за Совет на Град Скопје“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Во единствениот избирачки список се запишани 1.832.415 гласачи, а на територијата на земјата има 3.480 избирачки места. Од нив, 3.474 ќе бидат отворени, бидејќи во шест нема население, односно нема гласачи.
Гласачките ливчиња се подготвни со двојна заштита, видлива и невидлива.
Од печатницата „Киро Дандаро“ ввелат дека ова било една од најсложените постапки за печатење досега.
„Доверливиот материјал го испечативме во рекордно време – два дена пред рокот. Оваа година листите беа долги, но материјалите ги подготвивме според барањата на ДИК. Гласачките ливчиња се со двојна видлива и невидлива заштита и подготвени за успешни избори. Најдолгото ливче е 500 милиметри“, изјави Вангел Талевски, генерален директор на АД ‘Киро Дандаро’ – Битола.
Со дистрибуцијата од Битола, изборниот процес влегува во финалната фаза. За печатењето на изборниот материјал се предвидени 48 милиони денари, а конечната сума ќе зависи од евентуалниот втор круг.
