Реклама

Муцунски и Петрова ќе се сретнат в четврток во Софија

Златна маска стара 26 векови кај Струшко: сензационално археолошко откритие на локалитетот Расница

Штипскиот универзитет промовираше прирачник за рано препознавање на сите форми на насилство во училиштата

Нови апсења се случуваат во Државна лотарија

Со 12,8 милиони евра ќе се помагаат земјоделците, почнува доделувањето на картички за зелена нафта

Фон Дер Лајен не фали за реформите како никогаш претходно, Филипче се чуди што ќе бара Муцунски во Софија

Недостаток од наставници по природни науки, министерката Јаневска најавува чекори за враќање на достоинството и подобри плати

Зголемена куповна моќ на пензионерите, Фискалниот совет бара реформи за помала дупка во ПИОМ

Во трампата меѓу Грција и Бугарија, Софија и спакувала на Атина и реликвија, одземена или украдена од Охрид

Пецаков: Охрид се развива со крупни капитални проекти – пречистителна станица во Трпејца, нова спортска сала и современа катна гаража

Во очекување на регионалната депонија Новаци, се решава проблемот со „Буково“

Европа ја седнува Бугарија на маса со Македонија: Ќе се бара позитивно решение за билатералниот спор

Македонија

Панел за влијанието на Кина во ЈИЕ – Кина е истовремено и партнер, конкурент и системски ривал

– Додека пред неколку години влијанието на Кина во регионот на Југоисточна…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

– Додека пред неколку години влијанието на Кина во регионот на Југоисточна Европа беше поврзано за патишта и кредити, денес зборуваме за идеи, правила и моќ. Сега Кина извезува електрични возила, хемикалии, машини и опрема за производство на енергија – сектори во кои Унијата беше најсилна. ЕУ треба да ги координира билатералните односи на државите членки со Кина по примерот на координацијата при преговорите за брегзитот. ​Затоа прашањето не е дали Кина е непријател, туку можност, и таа е истовремено и партнер, и конкурент, и системски ривал. Кинеските инвестиции не се многу присутни во нашата земја, но не можеме да имаме податоци и процена на вредност што се случува со „Тему“, што се случува со зголеменото производство, комуникацијата со Кина и преносот на стоки и услуги.

Ова беше посочено на панел-дискусијата „Перцепции и импликации на новите глобални иницијативи на Кина врз Југоисточна Европа“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Здружението за развој на стратегиите, истражување, едукација и промоција на меѓународните вредности – ЕСТИМА.

Катерина Јакимовска, виш координатор во Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ во Брисел, во однос на влијанието на Кина истакна дека пред неколку години се зборувало за патишта и кредити, но денес зборуваме за идеи, правила и моќ, додавајќи дека на односот меѓу ЕУ и Кина му требаат форма и граници. 

Реклама

– Да почнам со бројките, кои говорат за предизвикот што го носи Кина. Во 2025 година Унијата увезе стоки од Кина во вредност од 559 милијарди евра, а извеза само 200 милијарди. Дефицитот изнесува речиси 360 милијарди евра, што е речиси 1 милијарда евра секој ден – рече Јакимовска оценувајќи дека зад тие бројки стои појавата што економистите ја нарекуваат „Кинески шок 2.0“, кој доаѓа по првиот кинески шок во 2001 по влегувањето на Кина во Светската трговска организација. 

Таа истакна дека за разлика од првиот, вториот шок е поинаков и оти сега Кина извезува електрични возила, хемикалии, машини и опрема за производство на енергија – сектори во кои Унијата беше најсилна и бидејќи американскиот пазар е затворен со царини, Европа останува најголемиот отворен пазар.  

Според неа, последиците се веќе видливи, а истражувањето на Центарот „Вилфрид Мартенс“ покажува дека од 2019 германската индустрија изгубила 5 отсто од работните места, а автомобилската индустрија 13 проценти.

– Втора точка на т.н. судир се критичните суровини. Кина контролира приближно 70 отсто од ископувањето и 90 проценти од преработката на ретките земјени елементи. Унијата сѐ уште зависи повеќе од 80 отсто од Кина за многу критични суровини, а за некои ретки елементи и до 90 отсто. Затоа, т.н. Critical Raw Materials Act, регулативата за критични суровини, поставува цели до 2030: не повеќе од 65 отсто од потрошувачката на која било стратешка суровина во моментот смее да доаѓа од една единствена земја. Затоа се најавува и европска корпорација за набавка и складирање критични суровини – посочи таа.  

Јакимовска оцени дека последниот и еден од најкомплексните предизвици за Унијата е единството. 

– Трговијата е надлежност на Унијата, но односите со Кина во голема мера се водат билатерално преку воспоставување билатерални договори за соработка – 27 пристапи не се политика, туку покана за условување, и токму затоа еден од нашите предлози беше Унијата да ги координира билатералните односи на државите членки со Кина по примерот на координацијата при преговорите за брегзитот. Затоа прашањето не е дали Кина е непријател, туку можност, и таа е истовремено и партнер, и конкурент, и системски ривал – посочи Јакимовска. 

Пратеничката Рашела Мизрахи и членка на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), посочи дека инвестициите на Кина во земјата се присутни, но не можеби во оној степен колку што таа е присутна во други земји на Европа и во самата ЕУ.

– Другиот проблем се мешаните пораки што се појавуваат, значи не се однесуваат на проектите на Кина и односите, но гледаме присутно на европска почва, на пример, инвестициите во недвижности главно ги прави Кина. Од нашиот регион имаме информации за Црна Гора, за проекти во Србија, во Хрватска, во Босна и Херцеговина и извештаи за проекти во Солун. Тоа значи дека кинеските пари, кинеските инвестиции, кинеските компании се сепак значително присутни – рече Мизрахи.

Според неа, кинеските инвестиции не се многу присутни во нашата земја, но, како што посочи, не можеме да имаме податоци и процена на вредност што се случува со „Тему“, што се случува со зголеменото производство, комуникацијата со Кина и преносот на стоки и услуги во земјата.

– Како претседател на Комисијата за здравство, беше интересно да можам да го согледам софтверот што го нуди и го пласира Кина. Ние немаме толкав голем обем на податоци, но сепак оние мали машини што го мерат нивото на шеќерот се направени во Кина и секогаш го имам предвид фактот дека кога го имам вашиот кинески профил, ве имам вас. Значи, Кинезите го добиваат преку тој апарат. Јас можам да кажам како изгледам, каков е твојот профил, за тоа колку лекови ти требаат. Навлегувањето во тоа е застрашувачко, особено кога ги анализирате податоците што ги извезуваме во Кина. Значи, не се само економските добра што може да се измерат во долари, но треба да се имаат предвид и податоците што се собираат – рече таа.

Мизрахи посочи дека ние како мала земја од 1,8 милион не можеме да го запреме тоа.

– Ние се справуваме со секојдневни политички прашања, што се од голема вредност за нас, членовите на парламентот, и за политичарите: билатерални договори, влезот во ЕУ и така натаму. Но, дали ние навистина ја гледаме геополитичката мапа и како големите сили може да влијаат врз нас? Не, ние, всушност, тоа не го правиме. Значи, кога вие ќе го пуштите Би-би-си, ништо нема да слушнете за Македонија или ЕУ, но ќе слушнете многу информации за САД и Кина. И многу од прашањата нѐ вртат назад кон минатото, но Кина е таа што е насочена да оди напред. Значи, тие планираат со децении, не планираат годишно, тие планираат со децении. И тоа им е дел од системот, што значи дека ништо нема да се смени со следниот мандат. Но, кај нас, како европски земји, имаме повеќепартиски политички системи и многу работи зависат од тоа кој го добива мандатот. И треба да имаме еден начин на кој ќе го гледаме извозот на податоци, да се обезбеди и законодавство што ќе овозможи и предвидувања. Ако имате железница во Србија, која се поврзува со Македонија, а тоа е инвестирано од Кина, ќе треба тоа да го имате предвид како факт – посочи Мизрахи.

Ана Крстиновска од ЕСТИМА, која е една од авторите на истражувањето, говореше за кинеските глобални иницијативи.

– Зад административните имиња на иницијативите – развојна, безбедносна, цивилизациска, управувачка иницијатива, се обидуваме да се сетиме дали стои нешто поголемо. Дали е тоа обид на Кина да понуди некој алтернативен оперативен систем за меѓународниот поредок, по првичната иницијатива „Појас и пат“, каде што понуди инфраструктура, кредитирање, трговска размена, односно претежно економски придобивки – посочи таа.

За таа цел, додаде, прашањето што си го поставивме е дали е ова само некој вид ребрендирање на иницијативата „Појас и пат“ или, пак, навистина, се работи за некој нормативно поамбициозен степен на кинеско присуство? 

– Ние секако се фокусираме на Југоисточна Европа во нашата работа, меѓутоа за оваа тема ЈИЕ како регион претставува навистина значаен случај затоа што не се работи за некој регион што е неутрален или кој има еднакви ставови и кон Истокот и кон Западот. Значи, патеката на евро-атлантската интеграција, ЕУ и НАТО останува доминантна рамка, меѓутоа, како што веќе другите панелисти истакнаа, овие цели се наоѓаат под постојан притисок од крајната десница, заморот од проширувањето, домашното разочарување и кај граѓаните од неуспешните обиди да се реформираме или навистина економски да стигнеме некој повисок степен на конвергенција со западниот свет, со Западна Европа – рече Крстиновска.  

Според неа, постои асиметрија во влогот за ЕУ ,од една страна, или за Кина, од друга. 

Васко Наумовски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и поранешен амбасадор во САД, кој го модерира настанот, рече дека во однос на ЕУ се појавува сè поголемата фрустрација на граѓаните поради отсуството на јасната перспектива за Европската Унија.

– Задоволен сум што Европската Унија покажува одредена иницијатива во последните недели или месеци, но не би бил премногу оптимист дека ова може да биде извршено многу бргу. И не сум многу уверен дека европската перспектива за Балканот ќе има алтернативи. Има и други земји во регионот што ги развиваат билатералните односи со Кина и со Русија како важен дел од своите приоритети и тие аспекти не треба да ги игнорираме – посочи Наумовски. 

Тој потсети дека странските инвестиции од страна на Кина во регионот се во пораст во изминатата деценија.

Златко Симоновски, еден од авторите на студијата „Перцепциите на новите глобални иницијативи на Кина во Југоисточна Европа и нивното влијание“, во изјава за МИА рече дека гледањето на глобалните кинески иницијативи во регионот е главно описно. 

– Нема некоја длабинска анализа, суштина или некакво поврзување со домашните состојби. Ограничено е, пред сè, од евроинтегративните процеси и НАТО-членството, барем кај оние што се понапредни во евроинтегративниот процес и, се разбира, следствено на тоа кај НАТО-членките. Значи, за разлика од иницијативата „Појас и пат“, која донесе видливи инфраструктурни проекти, четирите глобални иницијативи се сè уште апстрактни и се движат главно како кинески дипломатски дискурс – рече Симоновски. 

Според него, има и исклучоци. – Србија е исклучокот, која малку ги има подигнато вниманието и потребата од јавна дебата, барем во нивниот случај, кај речиси сите четири кинески иницијативи. Поинаку е, малку е пониска застапеноста во Босна и Херцеговина и е значително пониска во другите земји: Бугарија, Грција, Македонија, Албанија и Косово, кои имаат малку поизразена припадност кон западната филозофија и политичка мисла. Од она што поединечно како кинески глобални иницијативи може да се нагласи е дека најдобро, односно најзабележителна е глобалната иницијатива за развој, бидејќи се надоврзува на познати теми за инфраструктура и економски развој и некакви вредности на одлучување во светскиот поредок, а другите се помалку застапени – посочи тој.  

Даниел Браун, претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во земјата, посочи дека ова истражување е важно за да се види „како други концепти и проекти се обидуваат да се инфилтрираат или да ги инволвираат нашите општества“.