– Само еден процент од случаите на сексуална злоупотреба на деца завршуваат во официјалните механизми за пријавување, иако 88 проценти од децата кои се соочиле со злоупотреба му кажуваат на некого за своето искуство, беше посочено на денешната панел-дискусијата „Заштита на децата од сексуална експлоатација и онлајн и офлајн злоупотреба: Можности за воспоставување национална линија за пријавување CSAM“, која се одржа во Собранието по повод 18 Ноември – Светскиот ден за спречување и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз деца.
Учесниците на дебатата нагласија дека потребни се поедноставни механизми за пријавување, поголема информираност на граѓаните и координиран мултисекторски пристап за заштита на децата, вклучително и воспоставување национална линија за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца.

Претставничката на Цивика мобилитас, Гонце Јаковлеска, посочи дека најновите истражувања покажуваат загрижувачки размери на проблемот.
-Секое десетто дете според последното истражување на УНИЦЕФ е предмет на сексуална злоупотреба на возраст од 12 до 17 години. Од тие деца, 88 проценти некому му кажале, а само еден процент завршил во механизмите за пријавување, што е навистина страшно. Децата не молчат, туку на некого му кажуваат, проблемот е зошто тие информации не стигнуваат таму каде што треба. Верувам дека голем дел од тие што не пријавиле е заради тоа што едноставно не знаат каде и на кој начин да го направат тоа – рече Јаковлеска.
Претседателката на ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, Лилјана Пецова Илиеска истакна дека во последните неколку години се поставуваат основите за подобрување на механизмите за заштита во дигиталниот простор, но оти е неопходна поголема институционална вклученост.
-Веќе механизмите како институционално и како инфраструктура ги поставуваме во овие две-три години. Меѓутоа не можеме сами. Мора да бидат вклучени и институциите и законодавниот дом за буквално да одиме во чекор – рече Пецова Илиеска.

Таа посочи дека граѓаните и натаму се соочуваат со сложени процедури за пријавување на дигиталните платформи и недоволна информираност за надлежностите на институциите.
Според неа, искуствата од советодавниот сервис покажуваат дека злоупотребите најчесто ги погодуваат жените и децата.
-Во овие 25 случаи, 93 проценти од пријавителите се жени, а во 40 проценти станува збор за фотографии и содржини онлајн поврзани со деца – нагласи Пецова Илиеска.
Таа порача дека на граѓаните им е потребна практична поддршка и човечки пристап при пријавувањето.
-Граѓаните имаат потреба од практична, не само формална заштита. Никој не сака да доставува само про форма на меил без да слушне од другата страна дека има човек којшто ќе му одговори дека повикот е примен и сака едноставно да ја раскаже приказната. Едноставно довербата сакаме да ја изградиме пред да пријавиме, но од друга страна пак е и можноста за пријава, односно правото на приватност да има ограничена вредност ако граѓанинот не знае како ќе го оствариме тоа право – рече Пецова Илиеска.
Таа се надева дека државата ќе смогнеме сили и ќе најде начин да ги воспостави сите стандарди и да станеме членка на Меѓународната мрежа на линии за пријавување на материјал со сексуална злоупотреба на деца INHOPE.
Пратеничката и претседателка на Клубот на жени пратенички, Јована Тренчевска, нагласи дека за ефикасна заштита е неопходен мултисекторски пристап и институционализирање на позитивните практики што произлегуваат од проектите на граѓанскиот сектор.
-Експертизата е таму и не треба активностите на државата да застанат со завршувањето на проектот. Државата треба да најде системски начин како тие активности и сето тоа што произлегува од проектите да бидат дел од институционалниот одговор на државата кон било кое прашање – рече Тренчевска.

Директорот на Првата детска амбасада „Меѓаши“, Жарко Змијанац нагласи дека пријавувањето на материјали со сексуална злоупотреба на деца останува на многу ниско ниво, иако проблемот е сериозен и присутен и во реалниот и во дигиталниот простор.
-Само еден процент од случаите се пријавени во надлежните институции, а само 0,2 проценти на СОС линиите. Имаме сериозен предизвик да изградиме доверба кај децата и младите дека има каде да се обратат и дека ќе бидат соодветно заштитени – рече Змијанац.
Тој посочи дека за ефикасна заштита е потребен координиран пристап во кој ќе бидат вклучени институциите, граѓанските организации и меѓународните партнери, но и поголема вклученост на родителите во едукацијата на децата.
-Технологијата и дигиталниот развој носат бројни придобивки, но отвораат и нови ризици за децата. Во денешно време има недоволна посветеност од страна на родителите во однос на едукацијата на своите деца, а тие често немаат доволно време навремено да ги препознаат и превенираат опасностите со кои децата се соочуваат онлајн – истакна Змијанац.
Тој информираше дека на линијата за деца и млади „Ало Бушавко“ во 2025 година биле евидентирани 287 случаи, додека до 18 ноември оваа година се регистрирани 360 случаи, што претставува зголемување од 25 проценти.
-Овие бројки ни укажуваат на потребата од постоење на една ваква линија. Кога децата немаат кому да се доверат во семејството, училиштето или институциите, тие се обраќаат кај нас и добиваат емоционална и психолошка поддршка, како и насоки за понатамошна заштита – рече Змијанац.
Како што потенцира директорот на „Меѓаши“, Змијанац, следниот чекор е воспоставување национален механизам за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца, усогласен со европските стандарди, преку кој и децата и возрасните безбедно ќе можат да пријавуваат сомневања или сознанија за вакви случаи.

