Претставници на македонски библиотеки учествуваат на меѓународната конференција COBISS 2026, штоа денеска и утре се одржува во Марибор, Словенија, посветена на иднината на библиотеките, новите технологии и примената на системот „COBISS“.
Македонската делегација ја предводи директорот на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, а во нејзиниот состав е и директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, Христина Трпеска.

Во фокусот на конференцијата се неколку теми поврзани со новите предизвици во библиотечната дејност, развојот на системот „COBISS“ и неговата идна примена. Првата сесија беше посветена на темата „Електронските материјали – важна алка во синџирот на знаењето“, а во продолжение се предвидени дискусии за новините во софтверот „COBISS“, улогата на библиотеките во времето на вештачката интелигенција и поддршката на науката, како и за идниот развој на библиотеките.
На конференцијата учествуваат претставници на библиотеки од земјите од поранешна Југославија, но и предавачи и учесници од други региони.
Настанот се одржува во хибриден формат, со физичко присуство и онлајн-учество.
„COBISS“ (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) е платформа што ги поврзува библиотеките во национални библиотечни информациски системи и овозможува заедничко каталогизирање и размена на библиографски податоци. Преку регионалната мрежа COBISS.net поврзани се библиотечните системи на Северна Македонија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово.
Годинешната конференција, 25-та по ред, е организирана од Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор и претставува средба на стручната библиотечна јавност од регионот и пошироко. Програмата опфаќа презентации за развојот на електронските изданија и аудиокнигите, новите функционалности на „COBISS“, примената на вештачката интелигенција во каталогизацијата и библиотечните услуги, како и улогата на библиотеките во поддршката на отворената наука и истражувачката работа.

