За првпат во Македонија се воведува вештачка интелигенција во процесот на донесување одлуки при справување со кризни ситуации. Новиот систем треба да им овозможи на институциите во реално време да имаат увид што се случува на терен, но и да помогне при носењето одлуки во критични ситуации при елементарни непогоди, како поплавите и пожарите. Кога секоја минута е важна, информацијата од теренот мора брзо да стигне до оној што носи одлука. Системот не е само за комуникација и координација, туку треба да овозможи и командување и контрола.
„Она што сакаме да го направиме преку оваа иницијатива на Обединетите нации, UNDRR, е, всушност, да ги поврземе локалната со централната власт. И уште повеќе, да ги зголемиме ресурсите и капацитетите на локалната власт, имајќи предвид дека секоја катастрофа почнува на локално ниво, па после тоа продолжува и на национално ниво“, вели Урим Вејсели од ЦУК.
На овој начин, со модернизација на технологијата, ќе се добие комплетна слика што имаме, со што располагаме, а што ни недостасува, појаснува Вејсели. Од УНДП предупредуваат дека ризиците не се статични и дека институциите мора постојано да се прилагодуваат.
„Кога зборуваме за справување со кризи, со нив децентрализирано се управува и многу е важна подготвеноста на градовите, затоа што ризиците и несреќите не се постојани, тие се менуваат“, вели Армен Григоријан од УНДП.
За разлика од изминатите две години, Македонија годинава сама се справи со пламените јазици. Од ЦУК велат дека годинава капацитетите се покажале како функционални.
„Оваа година не сме барале помош од други земји, можеби првпат во многу години. Ние од пожарите немаме ниту една жртва, ниту поголеми објекти зафатени од пожари“, вели Мухамед Али, директор на ЦУК.
Поплавите кои лани го зафатија Кичево, Ресен и Сарај се потсетник дека превенцијата мора да започне пред да се случи непогодата, затоа се преземаат мерки за чистење на речните корита.

