Градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева, заедно со уште седум градоначалници, учествувала на работна средба со амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, и амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
Средбата се одржала во резиденцијата на Амбасадата на Швајцарија, а во фокусот бил напредокот на проектот „Заедници водени од интегритет“, финансиран од Швајцарија и Шведска.
Како што информираше Нацева преку објава на „Фејсбук“, на средбата се разговарало за локалното управување, реформите за зајакнување на интегритетот, транспарентноста и отчетноста, како и за подобрување на услугите што општините им ги обезбедуваат на граѓаните.
– Разговорите што се водеа беа фокусирани на процесите на локалното управување, реформите насочени кон зајакнување на интегритетот, транспарентноста, отчетноста и подобрувањето на услугите за граѓаните. Инаку, проектот „Заедници водени од интегритет“, што е финансиран од Швајцарија и Шведска, има за цел да им обезбеди поддршка на општините во државата во воспоставувањето силни системи и практики за интегритет, што ќе ги минимизираат ризиците од корупција и ќе ја зголемат довербата на јавноста – додаде Нацева во објавата.
Нацева посочи дека амбасадорите Зомер и Солстром го поздравиле ангажманот и лидерството на градоначалниците во остварувањето на заедничката цел, заблагодарувајќи им се за нивната посветеност.

