Со пригодна свеченост, во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп денеска беше одбележана Неделата за грижа на старите лица, под мотото „И ние сме ваши деца – вчера вие, а денес ние за вас“.
Домот, кој располага со капацитет од 150 легла, во моментов е целосно исполнет, а на сместување чекаат уште триесетина лица. Штитениците се од речиси сите делови на државата, што ја потврдува потребата од ваков вид социјални услуги.

Директорот на установата, Благојче Стојаноски, информира дека постои интерес за проширување на капацитетите, но приоритет е најпрво реновирање на постојната зграда.
-Има побарувачка за сместување на старите лица кои сакаат да ги користат нашите услуги. Има можност за проширување на Домот, но прво треба досегашната градба да се реновира, па потоа да размислуваме на проширување – вели Стојаноски.

Во насока на подобрување на условите за престој, прилепскиот Тутунски комбинат донираше 10 телевизори, наменети за занималните во Домот.
Од локалната самоуправа очекуваат во 2027 година да се зголемат средствата што државата ги издвојува за функционирање на установата.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочи дека блок-дотациите за годинава се на исто ниво како и во 2025 година, поради што било интервенирано до Министерството за социјална политика, демографија и млади.
-За жал, средствата годинава што се како блок-дотации од државата се на истото ниво како за 2025 година. Интервениравме вој Министерството за социјална политика, демографија и млади и сметам дека министерот покажа разбирање за буџетот за наредната 2027 година. Од тоа ќе зависи дали и општинскиот буџет ќе зафати дел од средства за Домот – изјави Проданоски.

