Општина Гевгелија доби на користење реконструирана сала за конференции која се наоѓа во Пионерскиот дом во центарот на градот. Според информациите од општинските власти, реконструкцијата и адаптацијата на обновената сала е дел од проектот во рамки на прекуграничната соработка со Грција од програмата „Green for Good – G4G“, преку кој во Гевгелија ќе се реализираат и други инвестиции.
Од Општината велат дека обновата на просторот во Пионерскиот дом опфаќа молерофарбарски работи, замена на внатрешната и надворешната столарија, нов кујнски простор, осветлување, набавка и поставување современ мебел, инвертерски клима уреди за ладење и греење, како и техничка опрема за презентација.
Просторот опфаќа површина од 200 квадратни метри и ќе се користи како мултифункционален конференциски и едукативен центар во функција на локалната самоуправа, за одржување седници, обуки, работилници и други активности.
Во рамки на истата програма, општинските власти планираат и поставување на два полначи за електрични возила, како и поставување фотоволтаичен систем во ООУ „Крсте Мисирков“, со што ќе се овозможи користење обновлива енергија и намалување на потрошувачката на електрична енергија во јавните установи.

