Собранието ја почна 102. седница, на која на дневен ред се повеќе точки. Пратениците го усвоија дневниот ред и почнаа прашањата за опозоцијата.
По скратена постапка ќе се носи предлог-закон за задолжување на Македонија со заем кај КфВ ИПЕКС банк ГмбХ (KfW IPEX-Bank GmbH), „Банко Билбао Визкаја Аргентарија, С.А.“ (Banco Bilbao Vizcaya Argentaria, S.A.), Ерсте груп банк АГ (Erste Group Bank AG), АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ (AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft mbH) и „Мерил Линч интернационал“ (Merrill Lynch International) по договор за заем за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање капитални расходи и рефинансирање обврски утврдени во буџетот на Македонија.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи дека вкупниот износ на заемот што ќе го доделат финансиските институции изнесува 260 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша во согласност со роковите и условите утврдени во договорот за заем. Рокот за отплата на заемот е 7 години, на 9 еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина, која изнесува 2,10 %. Македонија ќе им плати на заемодавачите еднократна провизија во износ од 1,4 % од износот на заемот.

Јанкуловски ги демантира, како што рече, вчерашните тврдења на опозицијата за ново задолжување на државата бидејќи ова веќе било претходно планирано во рамките на фискалната стратегија.
Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ, смета дека Собранието треба да го тргне ова законско решение од дневниот ред. Спасовски рече дека доколку заемот се зема, како што рекол „заменик-министерот за финансии Јанкуловски, за одржување на финансиската стабилност во државата“, тогаш тој треба да се носи „по итна постапка“.
Пратениците ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измени и дополнувањa на Законот за медијацијата, измените на Законот за ученичкиот стандард, изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, измени на Законот за основање јавно претпријатие „Македонска радиодифузија“, како и измени на Законот за внатрешните работи, измени и дополнувања на Законот за внатрешните работи, на Законот за полицијата и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Собранието не го прифати предлогот на опозицијата да се донесат измени и дополнувањa на Законот за Владата на Македонија, со кој се бараше и членовите на Владата да немаат право на двојно државјансто, како што се предвидува и за народните избраници со предложените измени на Законот за пратениците. Не беа прифатени ниту предлозите за измена на основно и на средно образование за финансиска поддршка за учество на ученици за котизација, превоз, надомест за храна за учество на меѓунардони натпревари. Опозицијата предложи дополнувања на Законот за заштита на правата на пациентите и измени на Законот за здравственото осигурување, предлог-закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со ценовната криза, дополнување на Законот за локалната самоуправа, измени на Законот за ученичкиот стандард, предлог-закон за дополнување на Законот за локалната самоуправа, по скратена постапка – не е усвоен
На дневен ред на 102. седница е предлог-одлука за испраќање припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија – АЛТЕА во Босна и Херцеговина, која претходно ќе биде разгледувана и на Комисијата за одбрана и безбедност, Годишен извештај за работата на Судскиот совет на Македонија за 2025 година, како и барањата за автентично толкување на член 5 ставови (2) и (3) од Законот за данокот на личен доход, поднесено од пратеник Оливер Спасовски, на член 18 став (3) од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, поднесено од пратеникот Зоранчо Јованчев, на члеовите 37, 38, 39, 40 и 41 од Законот за државните службеници, а во врска со член 87 став (3) и член 111 став (4) од Законот за административните службеници, за стекнат степен на кариера на државни службеници, поднесено од градоначалникот на Ооштина Долнени, со архивски број 08-2005/1 од 15.3.2024 година, на членовите 37, 38, 39, 40 и 41 од Законот за државните службеници, а во врска со член 87 став (3) и член 111 став (4) од Законот за административните службеници, за стекнат степен на кариера на државни службеници, поднесено од градоначалникот на општина Долнени, со архивски број 08-7116/1 од 16.12.2025 година, и на член 5, ставови (2) и (3) од Законот за данокот на личен доход, поднесено од пратеникот Димитар Апасиев.
