Реклама
Македонија

Онлајн наставата за децата во болница дава добри резултати

Позитивни и емотивни моменти по повторното обединување на децата кои се на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Позитивни и емотивни моменти по повторното обединување на децата кои се на болничко лекување со своите другарчиња и наставници. Министерката за образование Весна Јаневска вели  дека формалното образование дава добри резултати, децата се вклучени во образовниот процес, а истовремено имаат можност за момент да побегнат од својата реалност. Откако од први септември беше воведена оваа мерка, болните дечиња кои поради состојбата мораат да отсуствуваат од училиште им беше овозможено онлајн да ја следат наставата.

„Во соработка со Министерството за здравство и Здружението САНО кое им помага на децата со канцер, направивме законска измена и подзаконски акти со што, на дечињата кои оправдано отсуствуваат од настава подолго од три недели, им се овозможува да го продолжат образованието преку онлајн вклучување во наставата во реално време во својот клас, преку асинхрона комуникација со достава на материјали и задачи од страна на наставникот или пак, наставникот да организира индивидуална настава во зависност од состојбата на ученикот, по прилагодена наставна програма на таквата состојба и за тоа да се користат постојни дигитални алатки како едуино, платформата со дигитални интерактивни учебници и така натаму.“– вели Јаневска.

За оваа цел, претходно биле спроведени обуки кои опфатиле над 166 наставници во 83 училишта. Истовремено бил подготвен и прирачник за сите наставници со инструкции, како и за родителите за да се запознаат со оваа можност. Од здружението САНО велат дека ова решение одлично функционира и ја спречува дискриминацијата.

Реклама

„После децениска битка да дојдеме до овој момент благодарение на Министерството за образование и министерката. Сите деца на боледување имаат можност да учат. Станува збор за онлајн настава и ниту едно дете нема да биде исклучено од наставата.“– вели претседателката на здружението САНО, Марија Вук.

„Бирото за развој на образованието понатаму ќе продолжи со поддршката затоа што не само од едукативен аспект туку и поддршка која што ќе биде советодавна за да може наставниците да се оспособуваат, да ги јакнат своите компетенции и да ги поддржиме во овој процес ниту едно дете да не остане надвор од образовниот систем.“– вели директорката на бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска.

Министерката посочи дека лично е задоволна од тоа што со нејзиниот тим успеала да придвижи процеси што биле во застој. Изминатава година заедно со владата реализираа голем број на проекти и реформи во образованието  во кои најголеми бенефити имаа младите, како бесплатни ваучери за електронски уред, бесплатен пристап до базата „Web of Science“, како и нови учебници по сите предмети за секој ученик.