-Проектот „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“, на Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео“ од Скопје, ќе ја претставува Македонија на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година, во организација на „La Biennale di Venezia“.
Како што соопштија од Министерството за култура, проектот е дело на авторите: Владимир Десков, д-р Ана Ивановска Дескова, д-р Јован Ивановски, д-р Харалд Трап и Симон Хартман, со соработниците д-р Теа Дамјановска, д-р Михајло Стојановски и м-р Зоран Петровски. Куратор на проектот е д-р Јован Ивановски, а комесар е Авни Ќаили, директор на НУ Музеј на современата уметност – Скопје.
-Во рамките на Конкурсот за учество на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година, во предвидениот рок е доставен еден проект – „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“. Комисијата за разгледување на проектите, во состав Огнен Марина, Мишко Ралев и Рилинд Селмани, по разгледувањето на доставената пријава и документација, утврди дека проектот ги исполнува условите и критериумите утврдени со Конкурсот, стои во соопштението.
Според образложението на Комисијата, проектот претставува концептуално јасен и теориски релевантен предлог за национално претставување, со фокус на Охрид и неговите исклучителни природни, културни и архитектонски вредности. Проектот го истражува Охрид како простор во кој низ вековите се преплетуваат природата, топографијата, архитектурата, материјалите, градителските практики и секојдневниот живот. Посебен акцент е ставен на регионалниот модернизам од втората половина на 20 век и начинот на кој македонските архитекти го реинтерпретирале наследеното просторно искуство на Охрид. Како што се наведува во извештајот на Комисијата, проектот ја поставува архитектонската коегзистенција како историски и просторен механизам преку кој архитектурата на Охрид постојано се преобразува, притоа задржувајќи континуитет со знаењето и искуството вградено во местото.
Комисијата особено ја истакнува поврзаноста на проектот со генералната тема на кураторите на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција, Ванг Шу и Лу Венју – „Создавај архитектура – за можноста за соживот во соочување со реалноста“ („Do Architecture – For the Possibility of Coexistence Facing a Real Reality“).
-Со изборот на проектот „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“, Северна Македонија на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година ќе го претстави Охрид како архитектонски и културен простор во кој наследството, современата архитектура и локалното знаење се поврзуваат во современа и меѓународно релевантна архитектонска приказна, наведуваат од Министерството за култура.

