По повод Меѓународниот ден на лицата со церебрална парализа – 6 Октомври, скопското Здружение на родители на деца со церебрална парализа денеска одржа свеченост на која присуствуваа претставници на Град Скопје, Министерството за социјална политика, демографија и млади и други институции, како и портпаролката на македонската Влада и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Митева порача дека Унијата на жени секогаш ќе биде партнер и соборец во секоја битка на оваа категорија граѓани.
– Сакам да знаете дека во УЖ секогаш ќе го имате најдобриот пријател, соработник, најголемата поддршка. Кога ќе ме прашаат – вреди ли сѐ ова што го правиме, со сигурност ќе кажам дека вреди, бидејќи вие сте нашата сила. Затоа што со секоја подобра иницијатива, мерка, предлог коишто ќе произлезат од заедничката соработка – тоа се најсилните солидарни алки. Нема ваша и наша борба, патот ќе го одиме заеднички, нагласи Митева.
Таа се согласи дека поддршката од државата и од сите политички чинители кон лицата со попреченост само ќе ги направи општеството и државата посилни.
И претседателката на Здружението на родители на деца со церебрална парализа – Скопје, Марина Билбиловска упати порака.
– Денес, го одбележуваме Меѓународниот ден на лицата со церебрална парализа, и стоиме пред вас со особена чест, но и со длабоко чувство на одговорност, и како рoдители, и како дел од ова општество. 6 Октомври не е само датум во календарот. Тоа е денот кога испраќаме силна порака дека лицата со церебрална парализа не се само статистички податок. Тие се личности со име и презиме и рамноправни членови на ова општество, личности со свои соништа, способности, желби, таленти и право на достоинствен живот. Церебралната парализа не е пречка за човечката вредност. Не е мерило за способностите и не смее да биде причина за исклучување, за занемарување или дискриминација. Нашата различност не треба да биде причина за оддалечување, туку повод за поголемо разбирање, почитување и човечност, рече Билбиловска.
Здружението, како што нагласи, бара пристапност до јавните објекти, квалитетна здравствена заштита, рехабилитација, образование, вработувањето, социјална сигурност и можност за независно живеење. Тоа, велат, не се привилегии, туку основни права коишто секој човек треба да ги ужива.
– Посебна благодарност упатувам до родителите и семејствата кои со својата безусловна љубов, трпение и пожртвуваност секојдневно докажуваат дека вистинската сила се наоѓа во љубовта и истрајноста. Посебна благодарност да испратиме до Градот Скопје, односно до градскиот татко г-н Орце Ѓорѓиевски, кој долги години е дел од нас. Тој несебично ги поддржува попречените, но луѓето никогаш не ги двои на типични и аттипични. Благодарност до институциите и пријателите кои се наши сојузници во создавањето подобри услови за живот, изјави Билбиловска за МИА.
Таа упати порака и до самите лица со церебрална парализа.
– Вие не сте само корисници на поддршка. Вие сте носители на права, личности со потенцијал, активни учесници и важен дел од нашето општество. Вашиот глас треба да се слуша, вашите потреби да се почитуваат, а вашите соништа да добијат можност да станат реалност. Како посебни родители ви ветуваме дека и понатаму ќе продолжиме да работиме посветено, гласно и истрајно за подобрување на квалитетот на животот, за поголема инклузија и за општество во кое никој нема да биде оставен на маргините. Нашата цел не е само да бидеме видливи еден ден во годината. Нашата цел е секој ден да бидеме прифатени, почитувани и вклучени. Нека 6 октомври биде потсетник дека вистинската големина на едно општество не се мери според тоа колку се силни неговите најмоќни членови, туку според тоа колку достоинствен живот им овозможува на оние кои се немоќни и попречени. Ајде сите заедно да градиме општество без бариери, предрасуди и без исклучок. Општество во коешто различностите не нè разделуваат, туку нè зближуваат рече Билбиловска.
Претседателката на Здружението, на крајот уште еднаш им се заблагодари на присутните, за како што кажа, несебична поддршка и заедничката целосна и недвосмислена посветеност.
– Животот е како пијано. Црните клавиши се лошите, а белите се добрите денови, но и едните и другите ни се потребни за да создадеме музика. Затоа, не плашете се од различностите. Вашиот страв е само производ на вашата неинформираност. Заедно сме посилни!, истакна Билбиловска.
За краткиот музички дел од свеченото одбележување, беше задолжен фолк-пејачот Марјан Коцев.

