Форум за решенија за биоразградливиот отпад во Преспанскиот регион „Од отпад до ресурс“, ќе се одржи денеска во ПЛУС Акцелераторот при СОУ „Цар Самоил“.
Овој состанок ќе ги обедини земјоделците, земјоделско-преработувачките субјекти, локалните бизниси, јавните институции, граѓанските организации, младите и другите членови на заедницата од Преспа и ќе отвори простор за размена на искуства и разгледување практични решенија за поодржливо управување и искористување на биоразградливиот земјоделски отпад.
Како што наведуваат организаторите на форумот, акцент ќе биде ставен на резултатите и искуствата од Кампањата „Преспа во круг: Компостирај.Трансформирај!“, за подигање на свеста и вклучување на земјоделците во управување со биоразградливиот отпад во Преспа, како и на практичните пристапи за компостирање на земјоделски отпад, искористување на производи кои не се погодни за пазарен пласман и остатоци од резидба и примена на компостот.
Се очекува да бидат споделени и искуствата од седумте опитни полиња воспоставени во регионот и резултатите од работата со земјоделците.
Дополнителна вредност на Форумот ќе биде поврзувањето на локалните искуства од Преспа со поширокиот регионален пристап кон циркуларната биоекономија преку проектот Регионални, инклузивни,био-базирани решенија за претприемништво (RIBES – Regional Inclusive Biobased Entrepreneurship Solutions), кој во Западен Балкан го спроведува Балканската мрежа за рурален развој (BRDN). Проектот поттикнува соработка меѓу руралните заедници, земјоделците, бизнисите, јавните институции и другите засегнати страни во развојот на практични, иновативни и инклузивни решенија за премин кон циркуларни модели на развој.
Преку поврзување на локалното искуство, практичните земјоделски решенија, новите технологии и регионалните иницијативи, Форумот има за цел да поттикне разговор и соработка околу тоа како биоразградливиот отпад може да се претвори во ресурс и да придонесе кон поодржлив развој на Преспанскиот регион.

