Некогаш мостовите меѓу два града не ги градат институциите, туку луѓето. Ги градат оние што заминале од својот роден крај, но со себе ги понеле јазикот, традицијата, спомените и љубовта кон местото од кое потекнуваат.
Токму таква приказна деновиве се испишува во Делчево преку соработка со неколку италијански општини од регионот Пиемонте, каде живеат речиси 40.000 Македонци, и од пријателски контакти и човечки врски односите прераснуваат во официјални партнерства.
Делегации предводени од градоначалниците на италијанските општини Новело, Монфорте д’Алба и Родино престојуваа во Делчево, каде што беше официјализирано збратимувањето, а беше потпишан и Меморандум за соработка. Истовремено, со новата одлука се продолжува постапката за збратимување на Делчево со Рикалдоне, општина со која претходно на 18 јули, годинава, беше потпишан договор за соработка.

Така, италијанската приказна на Делчево добива уште една важна страница. Но, таа не почнува со потписите. Зад нив стојат години контакти, семејства на иселеници кои, живеејќи во Италија, станале природен мост кон родниот крај.
Илјадниците километри оддалеченост меѓу Делчево и овие општини не значат ништо кога се во прашање позитивната мисла, чесните намери и работата во интерес на граѓаните и на своето родно место. Со овој вовед градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, пред своите гости ја нагласи токму улогата на иселениците во создавањето на овие односи.

– Нашите иселеници се најголемите амбасадори на Делчево, носители на нашата култура, традиција и вредности, кои со својот труд и посветеност се дел од развојот на овие италијански општини. Токму неформално изградените врски меѓу луѓето се основата врз која сега се гради институционалната соработка. Нашите општини ги поврзува многу повеќе од официјални потписи на документи, нас нè поврзуваат луѓето, нè поврзуваат семејствата и иселениците, кои со години живеат и работат во Италија – порача Гоцевски.

ОД РИКАЛДОНЕ ДО НОВЕЛО – ПРИЈАТЕЛСТВОТО СЕ ШИРИ
Во таа приказна свое место има и Рикалдоне. Делчево на 18 јули 2026 година потпиша договор за соработка со италијанската општина Рикалдоне како чекор кон нејзиното збратимување со Делчево. Во разговорите за соработката особено место има и прашањето на јазикот и врската со македонската заедница во Италија. На свечената седница одржана по тој повод при неодамнешната посета на Италија, реализирана по иницијатива на македонскиот конзулат и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше отворена и темата за изучување на македонскиот јазик.

Една од најважните точки во таа нишка е воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Италија. Иницијативата е почната, процесот ќе биде долг, а очекувањата се дека македонскиот јазик би се изучувал на начин сличен на изучувањето на италијанскиот јазик во Делчево.
Токму јазикот станува уште еден мост – меѓу децата на иселениците и земјата од која потекнуваат нивните родители.
„ЗБРАТИМУВАЊЕТО Е, ПРЕД СЀ, СРЕДБА МЕЃУ ЛУЃЕ“
Италијанските градоначалници, кои престојуваа во Делчево, пак, со своите пораки покажаа, исто така, дека соработката не ја гледаат само како институционална.
За време на престојот италијанските гости ги посетија училиштето, болницата, локални компании, инфраструктурни објекти и културно-историски места во Делчево.
Но посебен впечаток им оставиле непосредните средби со граѓаните, посетата на Разловци и традиционалната атмосфера на веселби со музика и ора – богатиот македонски фолклор.
Градоначалникот на Новело, Марко Поларо, во своето обраќање изрази благодарност за приемот и посочи дека македонските граѓани што живеат во Италија често им зборуваат за својот роден крај.
– Вашите сограѓани, кои живеат во Италија, често ни раскажуваат приказни, спомени и анегдоти за вашата земја. Затоа за нас е огромно задоволство што денес можеме да бидеме ваши гости и, пред сè, ваши пријатели запознавајќи ги конечно одблизу вашата култура, вашата историја и вашите традиции – порача Поларо.
Според него, збратимувањето не е само договор меѓу институциите. Збратимувањето е, пред сè, средба меѓу луѓе.
– Тоа е можност да се запознаеме, да ги споделиме нашите приказни, а пред сè да ги вреднуваме нашите разлики и да откриеме колку всушност можеме да бидеме блиску, дури и кога живееме на илјадници километри оддалеченост, рече Поларо.

Градоначалникот на Монфорте д’Алба, Лука Роси, за кого ова беше прва посета на Македонија, искуството го опиша и како лично човечко збогатување.
– Ова е моја прва посета на Македонија, а искуството што го доживеав овде длабоко ме збогати од човечка перспектива. Ми овозможи да се чувствувам уште поблиску до сите вас зајакнувајќи го тој идеален мост што ги поврзува и преплетува судбините на нашите две области, порача Роси.
Тој нагласи дека присуството на македонските граѓани во италијанските средини донело нова енергија, традиции и врски, кои ги збогатиле локалните заедници.
ЕДЕН НАШИНЕЦ, ЕДНА ИТАЛИЈАНСКА ПРИКАЗНА
Можеби најдобрата илустрација за тоа колку длабоко се преплетени двете средини е приказната на Бобан Пешов.
Роден во Македонија 1988 година, Пешов како дете во 1996 година се иселил во Италија. Таму го завршил образованието, дипломирал на архитектура во Торино и подоцна станал автор на стрипови, карикатури и сатирични илустрации. Неговиот графички роман „Беше еднаш на Истокот“ е инспириран од вистинска семејна приказна и од искуството на македонските мигранти.
Пешов денес живее и создава во Италија, но во својата уметност се навраќа кон Македонија и кон приказната на генерацијата која во 90-тите години од минатиот век заминувала во странство во потрага по подобра иднина.
– Имав идеја уште на времето нешто да направам поврзано со татко ми, а потоа сфатив дека тоа не е само приказната на татко ми, туку на сите мигранти од Македонија, кои заминале во 90-тите години, во времето на војната и распадот на Југославија – раскажува Пешов.

За него, миграцијата не е само историски настан, туку лично искуство.
– За татко ми и за многу други луѓе од тој крај, особено од селата, по распадот на Југославија, било уште потешко да се живее. Татко морал да најде нешто ново, да најде некоја иднина за себе и за својата фамилија – вели Пешов.
Неговата книга токму преку едно семејство ја раскажува таа поширока приказна – за луѓето што заминале, за границите што се појавиле по распадот на Југославија и за тешкотиите со кои се соочувале оние што новиот живот го почнувале во друга земја.
И тука приказната повторно се враќа кон Делчево.
Пешов, кој е по потекло од Трсино, неодамна беше гостин во својот роден крај, каде што неговата книга беше претставена пред делчевската публика не само како стрип туку како приказна за миграцијата, семејството, корените и враќањето кон сопственото потекло.
Особено интересно е што италијанската публика во неговата приказна препознава и сопствено искуство.
Пешов раскажува дека многу Италијанци, особено од јужниот дел на земјата, му пишувале дека приказната за македонските мигранти им е блиска затоа што и нивните семејства во минатото се преселувале од сиромашниот југ кон северот на Италија.
– Многу Италијанци од јужна Италија кога ми пишуваат за стрипот ми кажуваат: истото сме го доживеале. Ние од јужна Италија, од сиромашните места, од Калабрија и Сицилија, сме бегале кон северна Италија“, вели Пешов.

Токму тука неговата приказна станува многу поширока од македонската дијаспора. Таа станува приказна за луѓето што ги напуштиле своите домови, за семејствата што тргнале кон непознатото и за надежта дека некаде подалеку ќе може да изградат подобар живот.
РОДНАТА ЗЕМЈА КАКО ИНСПИРАЦИЈА
Иако живее во Италија речиси три децении, Пешов вели дека со секое враќање во Македонија открива нешто ново. Особено го инспирираат селата, старите куќи и деталите што лесно може да останат незабележани.
– Секоја година кога доаѓам во Македонија ми е сè поинтересно да ги откривам селата, тие ситни, мали работи од руралните средини од Македонија. Кога бевме во Разловци, почнав да ги фотографирам старите куќи, си велам, за инспирација за новиот стрип, раскажува тој.

Во неговата следна книга повторно ќе ги има Македонија и дијаспората, а инспирацијата, вели тој, ја бара токму во малите средини и во луѓето.
Иако заминал од Македонија како дете, денес тој преку уметноста повторно го враќа родниот крај во Италија, а италијанската публика, пак, во таа македонска приказна препознава дел од сопствената.
ОД КУЛТУРНАТА РАЗМЕНА ДО ЕКОНОМИЈАТА
Токму ваквите човечки приказни може да ја дадат вистинската смисла на официјалните договори. Соработката со Новело, Монфорте д’Алба, Родино и Рикалдоне отвора простор за соработка во областа на културата, образованието, туризмот, економијата, спортот и локалниот развој. Градоначалникот Гоцевски е уверен дека од разговорите со италијанските градоначалници е потврдена посветеноста за продлабочување на соработката, особено во економијата, туризмот и културната размена.
Збратимувањето, според него, треба да создаде услови иселениците да бидат активен фактор во развојот на Делчево – преку инвестиции, но и преку пренесување искуства и знаења.
– Ова збратимување ги зајакнува врските на луѓето со нивниот роден крај. Создава предуслови тие да бидат активен фактор за развојот на Делчево како преку инвестиции така и преку пренесување искуства и многу знаења“, порача градоначалникот.
ПРИКАЗНАТА НЕ ЗАВРШУВА СО ПОТПИСОТ
Од Рикалдоне до Новело, Монфорте д’Алба и Родино, Делчево денес создава поширока мрежа на пријателства со италијанските заедници. Но, зад секој меморандум стои нешто многу потрајно и многу посилно – човечката врска. Ја создаваат делчевските семејства кои со години живеат во Италија. Ја продолжуваат нивните деца, кои растат меѓу два јазика и две култури. Ја раскажуваат луѓе како Бобан Пешов, кој преку својата уметност покажува дека приказната за македонската миграција може да биде разбрана и во Италија затоа што и таму постојат луѓе со слични семејни приказни, а сега ја продолжуваат и локалните самоуправи. Затоа ова не е само приказна за една македонска и четири италијански општини. Не е ниту приказна за меморандуми и збратимувања.

Ова е приказна за луѓето што заминале, но не ги прекинале врските со својот роден крај. За оние што во Италија изградиле нов живот, но во себе го понеле Делчево. И за една локална заедница која денес се обидува тие врски да ги претвори во нови можности за соработка во културата, образованието, економијата и развојот.

„Нека биде ова почеток на едно искрено и долговечно пријателство“, порача Гоцевски.
А можеби најточно целата приказна ја опишува токму една мисла од италијанскиот градоначалник Поларо:
Збратимувањето е, пред сè, средба меѓу луѓе. Од Делчево до Италија и назад – тој мост веќе постои. Сега само се оверува преку потписи, преку договори и нови приказни.


