Обинителството се ослободи. Љупчо Коцевски не дочека да го избркаат, па реши да си оди сам. На само неколку часа пред собраниската седница на која се очекуваше тој да биде разрешен, Коцевски си поднесе неотповиклива оставка. На пратениците им остана само да ја констатираат. Човекот кој се смета за еден од главните виновници што народот нема никаква доверба во правосуството, вели дека се повлекува со крената глава и обвини дека постапката за негово разрешување е политички мотивирана.
“Поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Македонија. Функција која што во изминатите нешто помалку од две години ја вршев чесно и достоинствено и од која заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, рече Коцевски.
Коцевски, во улога на херој што сам си ја препишува, тој се обрати и директно кон граѓаните да ја „чувале и штителе самостојноста на обвинителството“. Според него,во предлогот до Собранието не биле наведени ниту аргументи, ниту факти за тешки дисциплински прекршок, кои се единствениот законски основ за разрешување на јавен обвинител. Но, не објасни ако нема аргумети, тогаш зошто се повлекува.

“Со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата“, рече Обвинителот во оставка.
Пратениците без дискусија само ја констатираа оставката на Коцевски и со тоа формално завршува неговиот мандат на функцијата.
Коцевски не „прежиеа“ ниту една третина од својот шестгодишен мандат. Назначен беше на 13 февруари 2024 година. Доби доверба од 62 пратеници од тогашното владејачко мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш, од позиција на опозиција велеа дека неговиот избор е скандал сам по себе бидејќи се случил на помалку од три месеци од парламентарни избори.
Премиерот Христијан Мицкоски уште кога ја превзема функцијата претседател на Владата, повеќепати предупредуваше дека Коцевски и неговиот тим се клучниот проблем во работата на Јавното обвинителство.
Владата веќе имаше почнато иницијатива за негово разрешување во Собранието, која прекина поради локалните избори, за потоа повторно иницијативата да се врати пред пратениците.
Инаку, после заминувањето на Љупчо Коцевски, неговиот наследник ќе се избира на јавен повик. А Собранието ќе има рок од шест месеци да избере нов државен јавен обвинител.
