Реклама
Македонија

Обвинителскиот систем останува сериозен проблем со борбата со корупцијата

Шутка како вип хотел со елитни гости, сомнежи за проневера на државни…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Шутка како вип хотел со елитни гости, сомнежи за проневера на државни милиони во ЕСМ и Лотарија, а ниту еден директор, ниту еден функционер не е зад решетки. Судот и обвинителството и покрај сите критики упатени кон нив не покажуваат никакви резултати во борбата против корупцијата. Притвори се даваат за многу помали работи, но кога станува збор за таканаречените „Големи ѕверки“, тогаш притворот е изоставена мерка, коментира поранешниот обвинител и адвокат Воислав Димовски. Тоа отвара сомнеж дека поранешните функционери се под закрила на политиката.

Покрај заштитата од матичните партии, нефункционалноста на македонското судство се должи и на недостигот од судии и обвинители. Неекипираните судови и обвинителства очигледно е дека не си ја вршат работата и не испорачуваат правда, коментира, Димоски.

Последно, екс директорот Филип Андов заедно со уште деветмина давале вип услуги на затвореници во Шутка развозувајќи ги со службени возила, а судењето ќе го чекаат на слобода без пасоши. Обвинителството не предложило притвор, а судот уште помалку сметал дека треба да го преиначи предлогот на обвинителот.

Реклама

Претходно, милионските проневери во Државна лотарија и во ЕСМ се далеку од правна разврска. Додека обвинителството тераше пред истраги, куферите си ги спакуваа и заминаа од државата, екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, поранешниот функционер Артан Груби и екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами.

Немањето резултати во борбата против корупцијата придонесе за носење на итни реформи во правосудството и почнување на процес за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Токму затоа не изненадува фактот што Македонија ја завршила 2024-та со пад од 12 позиции на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за нивото на борба против корупцијата.

Според Индексот за перцепција на корупција, земјава е рангирана на 88-то место од 180 држави. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше рангирана на 76-тото место главно заради критиките за измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.