Затворска казна од една до пет години ќе добијат сите оние кои со ширење лажни информации ќе предизвикаат паника и ќе ја загрозат стабилноста на банкарскиот сектор. Ова е ново кривично дело кое е вметнато во предлог верзијата на новиот Кривичен законик, што Министерството за правда пред два дена го испрати на мислење во Брисел.
Пратеничката Драгана Бојковска од редовите на ВМРО ДПМНЕ вели дека целта на новото кривично дело е да се заштити сигурноста на депозитите на граѓаните и јавниот интерес. Таа појаснува дека одговорност ќе сносат оние кои ќе ја злоупотребат својата општествена положба за пласирање невистини, но нагласува дека одредбата нема да ја загрози слободата на говор и новинарската професија.
„Во ова кривично дело предвидено е дека оној кој преку својата општествена положба ќе ја искористи информацијата за ширење на лажни изјави и вести, и со тоа ќе ја загрози стабилноста на банкарскиот сектор и ќе го погоди јавниот интерес, ќе му биде изречена казна затвор од една до пет години. Ова дело не ги вклучува деловите за изразување став и мислење, научно-истражувачка или новинарска дејност“, вели Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО ДПМНЕ
Очекувања за поефикасно справување со криминалот преку новите законски решенија има и новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџивасилевска која денес даде заклетва и официјално ја презеде функцијата. Таа посочи дека законите сè уште се во фаза на доработка, но се надева дека нивната правилна примена ќе ја зголеми ефикасноста на правосудството.
„Тие закони се подготвуваат подолг период и се работеа во работни групи. Очекувањата се да донесат ефикасна правда, но мора да работиме на нивната примена и толкување. Овие системски закони сè уште не се докрај завршени, а целта е да ги унапредат условите за кривичен прогон“, изјави Хаџивасилевска, вели Искра Хаџивасилевска, шефица на ОЈО ГОКК.
Ова е целосно нов Кривичен законик кој треба да се донесе по цели 30 години. Текстот се подготвуваше неколку години, а на него работеа повеќе од 50 експерти.
Законското решение е усогласено со 22 европски директиви. Откако ќе се добие мислењето и забелешките од Европската комисија, текстот ќе влезе во собраниска процедура, каде преку јавна расправа пратениците и стручната јавност ќе можат да ги дадат своите финални сугестии пред неговото конечно донесување.

