Премиерот Христијан Мицкоски ја отвори Регионалната министерска конференција – „Предводење на промените: патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето“, што денеска и утре се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Предвидени се седум панел-сесии со учество на министри, заменик-министри и претставници на меѓународни организации.
Меѓу учесниците се министрите за социјална политика, демографија и млади и за надворешни работи и надворешна трговија, Фатмир Лимани и Тимчо Муцунски, како и Пио Смит, помошник-генерален секретар и заменик-извршен директор во УНФПА, и Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа.

На првиот ден од конференцијата ќе се дебатира на панел-сесиите: „Демографски трендови и јавни политики: од предизвик до отпорност“, „Оспособување на луѓето: човечки капитал, политики ориентирани кон семејството, здраво и активно стареење“, „Поддршка на луѓето во транзиција: пазар на трудот, социјална заштита, политики за миграција и дијаспора“ и „Меѓународна и регионална соработка за демографска отпорност“.
Вториот ден конференцијата ќе ја отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши, а предвидени се три тематски панел-дискусии.
