Цените постепено се стабилизираат. Трошоците за живот остануваат непроменети во септември во однос на август. Државната статистика го потврди позитивниот тренд кој веќе подолг период од месец во месец продолжува. Намалување од 3,7% има кај трошоците за рекреација, спорт и култура, кај трошоците за транспорт се забележува пад од 3.4 %, а поевтинување има кај рестораните и услугите за 0,3% и во делот информации и комуникации од 0.1%. Инфлацијата пак во септември во однос на истиот месец лани изнесува 2,7%, а цените на мало биле повисоки за 1,7%. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека земјава има втора најниска стапка на инфлација на Балканот.
„Во третиот квартал бројките покажуваат дека состојбата е под контрола, во јули стапката беше 2,3 отсто, а просекот во ЕУ 2,9 отсто. Сега ЕУ објави дека во септември е 3,8 отсто, а според нашите проценки за храна и пијалоци очекуваме годишна стапка од 1,5 и 2 отсто, што ќе биде најниска во регионот и една од најниските во Европа“– вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Во поволниот амбиент, рака под рака со ниската инфлација се движи и економската активност. Таа добива на динамика, што како последно го потврди и Светска Банка. Во најновиот извештај, меѓународната финансиска институција ја зголеми проекцијата за растот на македонската економија од првичните 2,9 на 3,2%. Премиерот е уверен дека перформансите на економијата се поголеми и дека растот ќе се движи помеѓу 3,5 и 4%. Мицкоски смета дека земјава ќе биде меѓу 5-те држави со најголемо зголемување на БДП во Европа.
„Она коешто охрабрува е фактот дека ние сме единствената земја во регионот каде што нивелирањето, односно усогласувањето на проценката за раст е во позитивна насока. Односно, ја започнавме годината со 2,6% раст на бруто-домашниот производ, па потоа се нивелираше на 2,9%, за вчера да излезе на 3,2%. Иако јас сум убеден дека оваа година растот на бруто-домашниот производ ќе биде меѓу 3,5% и 4%, бидејќи во првото полугодие досега е 3,7%, по 3,1% во првиот квартал и 4,3% во вториот квартал“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
И покрај оптимистичките прогнози за поголем раст и пониска инфлација, геополитичките конфликти и тензии вршат притисок врз буџетот. Приходите од акцизи очекувано се намалени поради мерките кои беа воведени за заштита на граѓаните од ценовен шок и задржување на нивниот животен стандард. За таа цел, Владата веќе подготвува ребаланс на државната каса. Првичните најави се дека интервенции ќе има и кај приходите, и кај расходите, но дека дефицитот ќе остане на истото ниво.

