Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ официјално се двајцата нови членови на Судскиот совет. Тие беа предлог на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а пратениците дадоа поддршка тие да ги заменат досегашните Весна Дамева и Миљазим Мустафа чиј мандат истече лани.
Новите членови на почеток на мандатот ќе почнат со спроведувањето на новиот Закон за Судскиот совет кој беше изгласан на крајот на декември, а согласно кој треба да ги донесат сите подзаконски акти.
- „Сметам дека треба да почнеме да го применуваме новиот Закон за Судскиот совет, да ги донесеме подзаконските акти, кои се врзани со новиот закон, и натаму со нови сили да биде добра основа за градење силна институција“ – нагласи Јошевска-Анастасовска.
Новите колеги за претседателот на Судски, Александар Камбовски ќе бидат додадена вредност на Советот за да може да застане на здрави нозе и да ја остварува својата надлежна функција.

- „“ рече Александар Камбовски – Претседател на Судскиот совет.
На местото на Селим Адеми, чиј мандат е исто така истечен, Собранието треба да назначи нов член. Надлежност да предложи има Комисијата за избори и именувања, која според собранискиот спикер најверојатно ќе треба да ја повтори постапката поради новото законско решение.
- „Ќе треба да ги прашате претседателот и членовите на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата. Најверојатно се на мислење да се повтори огласот затоа што веќе имаме нов закон и ќе треба сите членови да се изберат по новиот закон. Но, тоа мора да го донесат како одлука претседателот и членовите на Комисијата за изборите и именувањата. Сепак, работа е на Комисијата за изборите и именувањата. Кај нив треба да се обратите. Но, како битен момент за кој сме разговарале е токму моментот што имаме нов Закон за Судскиот совет и тој веќе ги менува правилата на игра“ – рече Гаши.
На 22 јануари му завршува мандатот и на судијата Ханиф Зендели, а на негово место ќе дојде член од редовите на судиите кои сами ќе го изберат на 29 јануари.
Кадровските промени во највисокото судско тело доѓаат по воведувањето на новите закон за Судски совет во кој клучните новини се јавност во постапката за разрешување на претседател на Советот; прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“; јавна расправа при избор на кандидати за несудски членови, за поголема транспарентност.
