Завршена е изградбата и пуштен е во функција новиот таложник на водоводната мрежа за селата Дулица и Стара Каменица, со што се преземаат дополнителни активности за подобрување на системот за водоснабдување во руралните населени места на Општина Македонска Каменица.
Со реализацијата на проектот се унапредува комуналната инфраструктура и се создаваат услови за посигурно и поквалитетно снабдување со вода за жителите на двете села. Таложникот е дел од системот за подготовка на водата, во кој се овозможува таложење и одвојување на суспендираните честички пред нејзиното понатамошно користење.

Подобрувањето на водоснабдувањето во руралните средини е меѓу инфраструктурните приоритети на Општина Македонска Каменица. Во рамки на Проектниот форум, кој се одржуваше во текот на 2026 година, граѓаните ја посочија и реконструкцијата на водоводната линија во Дулица и Стара Каменица како една од потребите на локалната заедница.
Во август беа презентирани концепт-проекти предложени од граѓаните, меѓу кои и реконструкција на водоводната линија во Дулица, додека на завршната форумска сесија во октомври беше посочена и потребата од реконструкција на водоводот во Дулица и Стара Каменица.
Од Општина Македонска Каменица посочуваат дека преку ваквите инфраструктурни активности продолжуваат вложувањата во унапредување на водоводните системи и подобрување на комуналните услуги за граѓаните.


