Реклама
Македонија

Николоски во Обединетото Кралство на разговори за инвестиции и продлабочување на трговската соработка

Македонија и Обединетото Кралство ќе ја продлабочуваат трговската соработка и економските односи…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија и Обединетото Кралство ќе ја продлабочуваат трговската соработка и економските односи во целина. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој овие два дена е во посета на Обединетото Кралство, има значајни средби на кои се разговара за продлабочување на односите, зголемување на трговската размена и инвестициите, пред сè во делот на инфраструктурата.

Вчеравечер, во Лондон, Николоски оствари работна средба со Тим Рид, извршен директор на Извозно-кредитната агенција на Обединетото Кралство. Со него разговарале за економската соработка меѓу двете земји, особено во делот на реализација на капитални инвестиции.

Николоски ги истакнал плановите на Владата за развој и модернизација на инфраструктурата, со посебен акцент на патната и железничката мрежа.

Реклама

Тој потенцирал дека проектите што ги опфаќа инвестицискиот план на македонската Влада, покрај развој на домашната економија, имаат и регионално значење, а придобивките од нив се повеќекратни за земјите од Западен Балкан.

На средбата биле разменети информации околу потенцијалната соработка меѓу двете земји и поддршката што може да ја обезбеди оваа агенција во рамки на нејзините државни политики.

Исто така било истакнато дека Обединетото Кралство е стратешки партнер на Македонија во развојот на земјата, и во тој контекст, политиките ќе се насочат кон поддршка на економскиот и општествениот развој.

Работните средби на вицепремиерот Николоски продолжуваат и денеска во Лондон, каде што е планирано да се реализираат одвоени средби со Стивен Даути, министер задолжен за Европа, како и со дејм Карен Пирс, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Николоски вчера имаше средба и со Герет Томас, министер за економија и извоз во Владата на Обединетото Кралство. Двајцата се согласиле дека постојат добри потенцијали за продлабочување на односите.

Николоски очекува извозот кон Велика Британија, како наш втор трговски партнер, да продолжи да расте и од постојните две и пол милијарди евра, да ја надмине вредноста од три милијарди евра.