Можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, со акцент на ависообраќајот, инфраструктурата и туризмот биле дел од темите на разговор на денешната средба на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Македонија, Абдула Ал Себуси.
Посебен фокус на средбата бил ставен на можностите за соработка во авиосообраќајот и воспоставување на нова авиолинија помеѓу двете земји.
-Исто така беа отворени и прашањата за инвестиции во транспортната инфраструктура, вклучително и во реализацијата на крупни инфраструктурни проекти кои имаат регионално значење. Се разговараше и за унапредување на туризмот меѓу двете земји како и за потенцијалот за инвестиции во туристичката инфраструктура и развој на нови туристички понуди, се вели во соопштението од Министерството за транспорт.

Вицепремиерот Николоски ги потенцирал инвестициските можности и услови што ги нуди Македонија за странските инвеститори, посочувајќи ги поволната географска положба на земјата, нејзината поврзаност со регионалните транспортни коридори, како и можностите за реализација на проекти од стратешко и инфраструктурно значење.
На средбата бил истакнат и потенцијалот за воспоставување на соработка со компании и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати во повеќе стратешки области од значење за Македонија.
Исто така соговорниците заклучиле дека постои огромен простор за соработка, а целта е во наредниот период да се создаваат услови за реализација на конкретни инвестиции и проекти од заемен интерес.

