Само шест дена пред да заврши со лисици на рацете, сега веќе екс-директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми потпишал тендер тежок над 190 илјади евра за резервни делови и опрема за возниот парк, набавка со која практично во вода сам си ја фрла одбрана дека немал пари и механизација да го собира ѓубрето. И да е само оваа набавка. Во последниот месец распишал различни тендери од такви за делови за поправка на возила, па се до систем за управување со документи. Судејќи по електронската страница на јавни набавки, Рустеми имал пари да троши и да склучува тендери, а сега неговиот бранител Асмир Алиспајиќ, да тврди дека директорот барал средства од Управниот одбор за да може да работи, но членовите не му одобриле.
Последниот тендер кој Рустеми го потпишал шест дена пред да биде уапсен е токму за набавка на делови за специјалните возила наменети за собирање смет, амортизери, пружини, носачи, гумици и стабилизатори. И не само што поранешниот директор набавувал делови, се грижел и за Системот за управување со документи и на 26.09. годинава, потпишал тендер од 22 илјади евра. Три дена претходно потрошил речиси 60 илјади евра за репарација на бандаши, осовини и запчаници.
Проблем на одбраната не се само набавките. Градоначалничката Данела Арсовка, која всушност и го назначи Русетми, сакајќи да го одбрани и вината да ја префрли врз премиерот Мицкоски, призна дека токму потписот на директорот е клучен за да камионите излезат и го соберат сметот.

Во режијата на МВРО на Мицкоски за приведување на директорот на Комунална хигиена, заборавиле на ДИКТАТОРОТ да му кажат дека сега нема кој да потпишува во претпријатието, за да може и со тие неколку камиони што не успеале да ги саботираат да се собира отпадот, стои во Фејсбук профилот на Данела Арсовска
Обвинителството го товари поранешниот директор заедно со неговиот раководител Аки Саити дека не го собирале сметот од главниот град цел еден месец и со тоа го загрозиле здравјето и животот на граѓаните. Рустеми и Акити треба да одговорат зошто не потпишувале налози за редовно празнење на ѓубрето од контејнерите.
Инаку, за да анулира еден од условите за притвор, тој дека може да го повтори делото, Рустеми кога давал исказ пред судија во Кривичниот суд, си ја депонал и оставката од директорската фотелја. Неговиот адвокат тврди дека тоа го сторил во интерес на истрагата. Од МВР и од Обвинителството уште нема диркетен одговор дали истрагата ќе ја опфати и актуелната градоначалничка Данела Арсовка. Велат – засега пријави има само овие двајца.
