Европската комисија не ја критикува Македонија само во областа на корупцијата, судството и криминалот. Властите треба да работат на подобрување во сите области – образование, здравство, животна средина, јавна администрација. ЕК го адресира проблемот со здравствениот кадар и нееднаквиот пристап до здравствена заштита.
Бројот на лекари и медицински сестри на 100 000 жители е под просекот на ЕУ. Медицинскиот персонал продолжува да го напушта јавниот здравствен сектор за да работи или во приватниот сектор или во странство. Трошоците за здравствена заштита од џеб остануваат високи, на 38%, што претставува пречка за еднаков пристап до здравствената заштита – пишува во извештајот.
Иако имаме ограничен напредок во образование и култура, голем проблем е неусвојувањето на клучни закони.

Македонија треба да ги усвои новиот Закон за средно образование и Законот за стручно образование. Да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата од ромските заедници. Да се насочи кон подобрување на обуките за професионален развој на професорите – се додава.
Македонија треба да внимава како ја користи помошта од ИПА, порачува Брисел.
Нема напредок во делот за регионална политика и координација на структурни инструменти која предвидува, ефикасното користење на претпристапната помош на Македонија – стои во извештајот.
Во извештајот стои и дека делумно се исполнети препораките во делот на животната средина и климатските промени.
Треба да се спроведат конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот и загадувањето на слатките води. Да се воведе систем за управување со отпад и да се зајакнат инспекциските капацитети – вели ЕК.
Иако сме претседавачи со ОБСЕ, не ги исполнивме нивните препораки.
Нема напредок во решавање и имплементација на препораките од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ и Венецијанската комисија – стои во документот.
Македонија се уште ја нема усвоено ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси која го вклучува Законот за административни службеници и вработени во јавниот сектор. Задача која требаше да се исполни уште пред пет години.
Според извештајот Македонија има проблем и во областа на конкуренцијата.
Не беше постигнат напредок во извештајниот период. Минатогодишните препораки не беа применети. Земјата треба да ја усогласи законодавната рамка за целосна транспарентност на државната помош доделена од властите и да спроведе антимонополски политики – пишува во извештајот од 2023 година.
Македонија не ги прифатила ниту препораките за подобрување во областа на правото на интелектуална сопственост.
Не е постигнат напредок. Потребни се дополнителни напори за усогласување на законодавството со правото на ЕУ во оваа област – додава ЕК.
Македонија има органичен напредок во слободата на изразување, борбата против организираниот криминал и перење пари, умерено е подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ.
Во клучните, за ЕУ иднината, области – Македонија нема напредок и доби многу критики. Прилично лошо сме рангирани споредено со земјите од регионот, ама и во споредба со Украина и Молдавија кои по декемврискиот самит, ќе почнат преговори со ЕУ, па дури и Грузија која ќе добие кандидатски статус.
