Ова што го гледате околу мене е дивата депонија во Визбегово. Повторно чад, повторно пожар — и повторно без одговор од надлежните. Се наоѓаме на само неколку километри од центарот на Скопје, а сликата изгледа на запустено место, полно ѓубре кое е надвор од радарот на надлежните. Иако лоцирана на територија на Шуто Оризари, последиците ги трпат и жителите на Чаир, Бутел но и цело Скопје. Во последните неколку дена беше забележан оган и чад, а граѓаните од околните места се гушат во ужасна смрдеа, плашејќи се за своето здравје и здравјето на своите деца. Во денови кога Скопје е како под вршник, со пеколни температури, оваа дива депонија, како темпирана бомба, претставува опасност и од зарази.
„За жал или за среќа камерите не можат да ја доловат миризбата што ја чувствуваме во моментот. Тука има и пекари трговски фирми кои работат со трговија на прехрамбени производи, угосителски објекти, хотели, ова е жално што ни се случува….Тука се пали отпад неконтролирано. Значи тоа што се чувствува во моментов по моја претпоставка е дека се гори некоја пластика, гуми нешто такво, тоа ние го дишеме“, изјави Драган Цветановски од советот на граѓани на индустриското подрачје во Визбегово.
Додека градоначлничката Данела Аросвска е окупирана со политички реваншизам, од град Скопје кои се надлежни за чистење на депонијата, и за оваа тема не ни одговорија на прашањето, што планираат да направат за да го решат проблемот. Нашата камера регистрираше двајца инспектори од Град Скопје, кои не сакаа да зборуваат јавно, но ни рекоа дека имаат полни раце работа и постојано пишуваат казни на несовесни граѓани кои доаѓаат и оставаат шут. Од Министерството за животна средина велат дека дивите депонии се под надлежност на градот Скопје, а тие како централната власт издвојуваат пари за помош на општините при отстранување на диви депонии.
„Генерално управувањето со комуналниот отпад е надлежност на локалната самоуправа. Секоја година министерството за средина има одреден буџет кој што се одвојува за чистење на ваквите нестандардни локации, но, тие за жал пак се појавуваат. Владата обезбедува средства на сите општините за помош на воспоставување на регионален систем за управување со отпад, што значи изградба на стандардни депнии согласно со законодаството на ЕУ и националното законодавство. За набавка на опрема“, изјави Ана Каранфилова Маневска – раководител на сектор за управување со отпад.

Екологисите кои и институционално се борат за поквалитетна животна средина, велат дека проблемот е во непостапувањето на надлежните, недоволниот број инспектори, но и ниската свест на граѓаните. Бараат ригорозни казни.
„Надлежните не си ја вршат работата како што треба. И тоа на сите нивоа. Депониите поготово во Визбегово пред неколку години беше исчистена таа депонија, но тој простор не се обезбеди, сите депоини кога ќе се исчистат веќе еднаш, треба тој простор да се обезбеди, да се направи урбана опрема нешто во смисла на парк во корист на граѓаните за да не може повторно да се претвораат во депонии“, изјави Невена Георгиевска од О2.
И додека град Скопје молчи, екологистите гласно бараат мерки и казни на скопјани им останува да дишат чад од изгорен отпад кој е од непознато потекло.
„Оваа планина од отпад претставува неконтролирана депонија што секојдневно го загрозува здравјето не само на луѓето не само во околината, туку и на целиот град. Никој точно не знае кој го остава ѓубрето тука, ниту кој стои зад постојаните пожари. Јасно е само едно – градската администрација досега не понуди трајно решение, ниту пак направи чекор да го исчисти и затвори овој еколошки хаос.
