Реклама
Прилози

Мораме да го сочуваме македонскиот јазик: Тој е потпора и темел на македонскиот идентитет, загрозен поради договорите со Грција и Бугарија

Мораме да го чуваме македонскиот јазик, кој не е само важен елемент…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Мораме да го чуваме македонскиот јазик, кој не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверана и независна Македонија, туку е и темел и потпора на македонскиот идентитет. Нашиот јазик низ целата историја бил на удар, а ситуацијата е иста и сега, 80 години по неговата кодификација. Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, порача дека тој е многу постар од осум децении, а претходно бил целосно забрануван од одредени структури. Од свечената академија во МАНУ изрази жалење што во моментов македонски повеќе се говори во дијаспората, отколку во државата.

-Македонскиот јазик бил систематски потиснуван и негиран од соседните пропаганди, неговите средновековни биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект те на еден, те на друг нам туѓ јазик. И мора да направиме се за да го заштитиме, изјави Сиљановска Давкова.

Дека македонскиот јазик бил загрозен и сега и низ целата историја смета и претседателот на МАНУ, академик Живко Попов. Според него посебно сега е на удар поради договорите со Бугарија и Грција. Вели борбата за него не е завршена, бидејќи е загрозен и внатра во самата држава.

Реклама

-Неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со договорите од Преспа со Грција и оној со Бугарија. Во исто време македонскиот јазик е загрозен и внатре во сопствената држава, каде не е еднакво почитуван на целата нејзина територија, изјави Попов.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Симона Груевска Маџоска повика да се направи национална стратегија со цел зачувување и унапредување на јазикот.

-Бидејќи некои важни нешта веќе денес како да се подзаборавени, а македонскиот јазик е соочен со нови предизвици, апелирам што побрзо да се донесе национална стратегија за македонскиот јазик, со што тој ќе продолжи да се надградува, ќе го зачува својот статус на државен јазик во Македонија, ќе ги следи новите барања на неговите говорители и повеќе ќе се афирмира во странство, изјави Груевска Маџоска. 

Министерката за образование Весна Јаневска вели дека законот го штити македонскиот јазик, но и дека секој лично треба да допринесе за негово унапредување. Според неа добар образовен систем, треба да овозможи препознавање на уникатноста на мајчиниот јазик.

-За Македонецот македонскиот јазик се првите звуци и вибрации кои ги прима тој Македонецот уште во утробата на мајката. Јазикот го чувствуваме во срцето и телото целиот свој живот и не верувам дека постои некој што би се откажал од неговото зборување и пишување, изјави Јаневска.

Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, на 5 мај 1945 година е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. 80 години подоцна нацијата е исправена пред предизвикот дека може да го загуби идентитетот исполнувајќи ги едно по едно барањата од Бугарија со цел дека има надеж да станеме дел од eвропското семејство.

Матеја Петровски