Министерот за правда Јетон Шасивари оствари билатерална средба со министерката за правда на Косово, Доника Грвала, во рамки на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што се одржува во Будва, Црна Гора.
На средбата, како што соопшти Министерството за правда, биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката определба за натамошно продлабочување на институционалната соработка во областа на правосудството.
Во фокусот на разговорите биле размената на искуства, зајакнувањето на владеењето на правото, борбата против корупцијата и унапредувањето на реформите во согласност со европските стандарди.
Министерот Шасивари истакнал дека Косово е важен и близок партнер на нашата земја и дека традиционално добрите односи претставуваат цврста основа за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете министерства.
– Двете страни ја нагласија важноста на континуирана, конкретна и резултатски ориентирана соработка, која ќе придонесе за поефикасни институции, посилно владеење на правото и поголема доверба на граѓаните во правосудството – соопшти вечерва Министерството за правда.

