Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во 11 часот ќе одржи прес-конференцијата во прес-салата на Владата.
Тема на прес-конференцијатаќе биде напредокот во реализацијата на реформската агенда и обезбедувањето на 65,7 милиони евра во рамките на планот за раст за Западен Балкан и инструментот за реформи и раст.
Европската комисија ја одобри новата транша во износ од 65,7 милиони евра за земјата во рамките на планот за раст за Западен Балкан и механизмот за реформи и раст.

Како што соопшти вчера Министерството за европски прашања, оваа поддршка претставува силна потврда дека државата успешно ги спроведува реформите и ги реализира клучните приоритети во областа на дигитализацијата, образованието и институционалниот развој во согласност со европските стандарди.
Сали вчера ја поздрави одлуката на ЕК истакнувајќи дека ова претставува важен сигнал на доверба и признание за реформската агенда на државата.
– Европската интеграција повеќе не е само политичка аспирација. Денес, таа се претвора во конкретни инвестиции, поддршка и реални можности за нашите граѓани – изјави министерот Сали.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера на социјалните мрежи објави дека ЕК става на располагање 65,7 милиони евра за нашата држава во рамките на инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот во споредба со 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора
Ова, како што наведува Муцунски, е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, додаде министерот, претставува и признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата.
Од вкупно одобрените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
