Од денеска до 20 мај во Лондон ќе се одржи Светскиот образовен форум, најголемиот глобален собир на министри за образование и вештини што се организира по 24 пат. Годинава, темата на форумот е „Образование за заедничка иднина: Мир, планета, цел и патеки“. На форумот ќе учествува и министерката за образование и наука Весна Јаневска која ќе биде меѓу говорниците на панел дискусија посветена на креирање образовни политики базирани на факти, каде ќе ги претстави македонските искуства и реформски процеси во образовниот систем.
Како што наведуваат организаторите на форумот, Министерството за образование на Обединетото Кралство, Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој, Министерството за бизнис и трговија и Британскиот совет, во време на глобална неизвесност и ескалација на геополитичките тензии, зголемување на нееднаквостите, интензивирање на климатските кризи и брзи технолошки промени, образованието е клучна сила и извор на отпорност, иновации и социјална кохезија. Единствено преку вложување во знаењата, вештините и вредностите на младите, може да се изградат општества ориентирани кон мир, праведност и одржлив развој.
На форумот се очекува присуство на над 150 министри и делегации од целиот свет, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и граѓанскиот сектор, соопшти Министерство за образование и наука.
