На телевизија Алфа гостуваше Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник кој посочи дека однесувањето на претседателот Венко Филипче е обид да се избегне разговорот за состојбите во сопствената партија, за неговиот рејтинг и внатрепартиската кохезија, посочувајќи дека наместо за овие прашања, Филипче зборува за состојбите во Србија – се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Однесувањето на претседателот Филипче е прилично едноставно, тој би сакал да разговара за се освен за состојбите во СДСM, и за неговиот рејтинг или за кохезијата на нивната политичка партија и затоа разговара за Србија, очекувам да почне да разговара и за Бразил дека таму победила СДСM“, рече Милошоски.
Милошоски истакна дека на Македонија и е потребна посилна и поконструктивна опозиција која ќе има капацитет да ја корегира власта и да понуди конкретни политички и економски решенија, потенцирајќи дека СДСM под водство на Филипче не успева да го искористи опозицискиот потенцијал.
„Нас потребна ни е посериозна, позрела опозиција со посилен потенцијал, гледаме дека тој како лидер на политичка партија е една слика што ја имаме дома, односно имаме лидер на политичка партија којашто нема капацитет да го искористи опозициониот потенцијал и да биде сериозен критичар на власта или да нуди сериозни политички или економски алтернативи. Ако тој смета дека рејтингот на СДСM расте тогаш би било логично да побара предвремени избори, ако не бара предвремени избори тогаш јасно е зошто не ги бара, бидејќи рејтингот му е прилично слаб дури и ако гледате рејтингот на СДСM како политичка партија е повисок од неговиот личен рејтинг, што значи симпатизери на СДСM не би гласале за претседателот на нивната партија“, посочи Милошоски и додаде:
„Веројатно имаат ПР куќа којашто има релации и со Македонија и со Србија и затоа СДСM последниве година дена во секое трето соопштение има дел од српската политика во тоа соопштение коешто треба да е насочено како критика кон нашата власт, а истиот Филипче постелаше црвен килим за еден пакет вакцини“.

