Опозициите во Украина и во Молдавија не работат против своите граѓани и своите држави, таму сите се обединети кога станува збор за стратешките прашања. Вака премиерот го коментира отпочнувањето на преговорите на овие две држави со Европската Унија. Според Мицкоски, клучната разлика е што кај нив нема опозиција која ја кодоши владата и работи во интерес на туѓи држави, а кај нас поранешната власта направи сериозни отстапки и катастрофални грешки чии последици се уште ги чувствуваме.
„И поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станува збор за стратешки прашања и за надворешни предизвици. Тоа не го направи претходната влада, која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартијa за да остане на власт. Граѓаните тоа го препознаа, ги казнија и ги испратија во опозиција, на следните избори ќе ги испратат и на политичките маргини, а за нив брзо ќе избледи политичката меморија и никогаш повеќе нема да ни се повторат“, рече Мицкоски.
За премиерот, единствениот пат за Македонија е исполнувањето на Реформската агенда и развојот на економијата. Резултатите, вели тој, нема да се случат преку ноќ, туку само преку посветена работа и труд, по што Македонија повторно ќе почне да победува, како што тоа го правела и во минатото.

„Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати преку ноќ нема. Ние не сме чудотворци. Секој што ветува чуда, не ја говори вистината. Ветуваме само дека напорно работиме и дека ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што многупати победувала во минатото“, изјави премиерот Мицкоски.
Додека Украина и Молдавија денеска ги започнуваат преговорите со Европската Унија, Македонија повеќе од две децении го трасира својот пат кон европското семејство. И покрај кандидатскиот статус добиен во 2005 година и бројните политички компромиси направени во изминатите години, од промена на знамето, името и Уставот, земјата се уште се соочува со пречки на патот кон полноправно членство.
