Скандалзното однесување на кандидат за градоначалник на Брвеница од Вреди – кој повикуваше на етничко гласање за ова место да стане албанска општина стигна и до ушите на меѓународната заедница. Според премиерот Христијан Мицкоски од ваквата реторика биле изненадени и влијателни претставници – кои на овој случај гледале со неверување дека некој во 21 век може да користи ваков речник. Хаким Рамадани не наштетува само на односите во самата општина, туку и на сите кандидати од истата таа коалиција на која тој и припаѓа. Мицкоски рече дека откако Рамадани ќе ги изгуби изборите ќе биде разрешен од позицијата која ја извршува во овој момент, директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Да влегува и мисли само за себе и својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати кои исто така се борат во вториот круг за градоначалнички мандат навистина со жалење. Исто така изминатите денови со влијателни претставници на меѓународната заедница зборувавме многу сериозно бидејќи тоа стигнало и до нив така што и тие гледаат со големо жалење и просто со неверување тоа што го слушаат, дека некој во 21 век може да користи таков речник, кажа Мицкоски.
Интересно е тоа што калкулациите на двете албански партии доаѓаат во време кога тие не штедат зборови во партиските соопштенија – Вреди ја нарекува ДУИ криминална партија, додека за интегративците, Коалицијата Вреди нема легитимитет да ги претсавува Албанците.

Скандалозно беше и однесувањето на Билал Касами кој повика на поддршка за кандидатот на ДУИ во Кичево, Фатмир Дехари, а не за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски. Токму Дехари, влезе во кампањата под тежина на сериозни обвинувања. Во јавноста се појавија аудиоснимки за кои се тврди дека го прикажуваат како сексуално малтретира и понижува вработени жени во општината. Мицкоски ги повика Кичевчани да размислат дали ќе го поддржат човекот кој ги уценувал нивните ќерки и внуки и дали е тој достоинствен кандидат за иден градоначалник на Кичево.
Јас ги повикувам Албанците коишто се во Кичево, но и Кичевчани коишто ќе ја слушаат оваа изјава, да размислат после сето она што го слушнавме, за човекот што ги уценува нивните внуки и нивните ќерки, дали треба да го дадат гласот за него, и дали е тој достоинствен кандидат за иден градоначалник на Кичево, вели Мицкоски.
Во Кичево, Јовановски освои 44,5% од гласовите. Дехари 21,28%. Фатмир Лимани од Вреди 15,86% – дури и да се спојат албанските гласови, Јовановски би имал повеќе.
Во Брвеница, Рамадани во првиот круг освои 2,021 гласови, а кандидатот на ДУИ Пајазити 1.147. Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 3,388. Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ е во предност по број на освоени гласови и пред двајцата од албанската заедница, заедно.
