Изминатите две години напорна работа го искристализираа, го оптимизираа и го направија појасен овој проект што претходно подразбираше дека треба да завршиме на половина тунел и без да имаме јасно предвидување од страна на нашиот источен сосед дека ќе имаме модернизација на секцијата што ја поврзува границата со нас и Софија, вклучително и другата половина на тунелот. Да, требаше време. Требаше да се постигне напредок во разговорите со нашиот источен сосед. Тој напредок се постигна, се потпишаа договори, има заложба и посветеност од двете страни и тунел што е практично трет дел од проектот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски пред денешното потпишување на договорите за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир од Коридорот 8 во Владата.
– Ако третата секција е и завршува до почетокот на тунелот, од завршувањето на тунелот до поврзувањето со националната железница во Софија, имаме заложба од нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 и заеднички проект. Тоа е тунелот што очекуваме да биде целосно финансиран како грант од страна на на Европската комисија, додаде премиерот.
Како што напомена Мицкоски, поддршката од европските финансиски институции и ЕУ е уште еден доказ дека кога се работи посветено и заеднички, нешто што изгледа тешко или невозможно станува реалност и возможно.

– Сега следува потешкиот дел. Изградбата на овие над 22 километра од аспект на инженерски потфат се навистина предизвикувачки. Не зборувам како претседател на Владата, туку како инженер. Но, убеден сум во капацитетите што ги поседува македонската градежна оператива која, очекувам, ќе даде голем придонес во реализацијата на овој проект, добро ќе се организира и ќе може да учествува на тендерот што очекувам да заврши во текот на оваа година и изградбата на овој проект да почне, исто така, оваа година. Со тоа ќе имаме и позитивни импликации врз градежништвото кое понатаму учествува во бруто домашниот производ на земјата, истакна премиерот.
Според него, некои опозициски политичари го спомнаа губењето на грантот од 60 милиони евра, а и ситуацијата не беше ваква во јуни 2024 година.
– Овој проект нема да заврши на половина тунел во слепа улица. Сега имаме целина. И тоа е многу важно. Зашто кога градите нешто, тоа треба да биде функционално. Не е само да направите тик бокс и да кажете: „Добро е, го почнавме ова, направивме прес конференција, се обративме, ги потрошивме парите“. Тие пари некој треба да ги враќа. Тие пари ќе ги враќаат во најголема мера граѓаните на земјава. И ако веќе нешто враќаат, треба да имаме јасна целина којашто ќе носи приход. Сега веќе вака, како што е формиран и оптимизиран проектот, веќе можеме да кажеме дека ќе биде додадена вредност врз македонската економија. Продолжуваме да го заокружуваме процесот на Коридорот 8. Во делот од реформската агенда можам да кажам дека делот од Скопје до Гостивар преку Јегуновце и Тетово ќе биде опфатен во делот на финансирањето. И тука мислам на модернизација и на електрификација, рече Мицкоски.
Требаше да се потрошат повеќе од половина милијарда евра, а можеби и повеќе, додаде, за да се заврши половина тунел.
– Сега состојбата е појасна. Сега имаме целина којашто ќе ги поврзе двете држави и којашто целина ќе значи додадена вредност и за двете држави. Тоа е дел од приоритетите на НАТО, но и економските приоритети на двете држави. Јас ќе кажам две работи коишто мислам дека се важни. А тоа е дека бев тинејџер кога првпат се спомнуваше источниот дел од Коридорот 8. Денеска сум претседател на Владата и со задоволство можам да кажам дека источниот дел од Коридорот 8 ќе биде конечно завршен. Тоа што значи? Ако тогаш сум бил тинејџер, а сега имам 48 години, значи повеќе од 30 години чекавме тоа што некогаш некој ни го најавуваше конечно оваа Влада да го затвори како проект и како финансиска конструкција, благодарение на политиките што ги води, но и со огромна поддршка на нашите партнери од европските финансиски институции како што се ЕИБ и ЕБРД. Се разбира, тука е инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската комисија, односно грантот што ќе биде доделен во вредност од 169 милиони евра и дополнително на тоа двата дела што ќе ги финансираат овие две финансиски институции, посочи Мицкоски.
Се осврна на претставникот од Европската инвестициска банка кој кажа за делот од Коридорот 8 што треба да ги поврзе Гостивар – Кичево – граница со Албанија, со напомена дека тука мора да бидеме внимателни со препораките на УНЕСКО.
– Ние обезбедивме 3+2 години да не се доведеме во ситуација некои идни влади повторно да го имаат тој проблем како што ние го имавме како наследство од претходните влади. Треба многу внимателно кога повлекуваме линии на хартија, да внимаваме како тие линии на хартија во пракса ќе имаат влијание врз еко средината, но и врз животите на граѓаните, бидејќи нам ни е значајно охридско-струшкиот регион да остане природно и културно светско наследство што ќе биде заштитено од страна на УНЕСКО. Мислам дека и на сите овде присутни тоа им е значајно, рече премиерот Мицкоски.
На потпишувањето на договорите во Владата присуствуваат и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Бен Нупнау – заменик шеф на Делегацијата на ЕУ, Фатих Туркменоглу – директор на ЕБОР за Македонија, Бјорн Габриел, директор на ЕИБ во Македонија, како и директорот на Железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.

