Од пожари, поплави и земјотреси, протести, убиства и кризни ситуации, па се до воени и високо ризични подрачја новинарите се меѓу првите кои пристигнуваат и информираат за случувањата. Работата и известувањето од кризни ситуации и тешки услови бара не само голема физичка, туку и психичка подготвеност за справување со потресни сведоштва и судбини … Новинарите имаат обврска да известуваат од кризни ситуации, но и да се заштитат за да можат успешно да го прават тоа, и за таа цел повеќе од 20 новинари од повеќе држави изминатите 12 дена поминаа низ интензивен тренинг со специјални обучувачи и експерти од турските воени сили, Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби, Полициската академија и Агенцијата Анадолија.

Со желби никогаш да не се искористи или искуси наученото во вистински услови, новинари од Турција, Македонија, Босна и Херцеговина, Романија, Србија, Украина, Тајван, Северен Кипар и Грција поминаа интензивна обука и се стекнаа со основни вештини неопходни за справување и безбедно извршување на задачите во вонредни ситуации и состојби.

Вкупно 22 новинари, меѓу кои и претставник на МИА, успешно ја завршија „29. Тренинг програма за воено известување“, организирана од 11 до 22 мај од Агенцијата Анадолија, Турската агенција за соработка и координација – ТИКА и Полициската академија, и се стекнаа со вештини за самозаштита и самоодбрана, укажување прва помош, евакуација и преживување во вода, заштита од дронови, балистика, експлозиви, мини и движење низ опасни подрачја, користење заштитна опрема и маски, безбедна евакуација, напредни техники за возење и безбедност на возила, евакуација со хеликоптер, исхрана и хигиена во вонредни услови, движење во група и ноќе низ ризични зони и многу други практични вежби за ситуации со кои се соочуваат новинарите кои известуваат од конфликтни подрачја или природни непогоди.


Известувањето од воени подрачја, природни непогоди и кризни ситуации ги изложува новинарите на голем ризик, за што новинарите на обуката можеа да слушнат и лични сведоштва од новинарот Оздан Еркуш и фоторепортерот Ерхан Севенлер од Турција што работеле во кризни подрачја како Сирија, Либија, Украина, Иран, Авганистан и други.

Имаше практични вежби како да се пружи прва помош на повредени во конфликтни подрачја или природни непогоди, како и справување со изгореници, безбедна евакуација на повредени во сообраќајни несреќи, пружање помош на лица со прострелни рани, реанимација и вештачко движење, запирање на крвавење и безбедно пренесување повредени.

Потоа следеше обука за известување од насилни протести, важноста од користење заштитна опрема, гас маски, движење во толпа и начини на лична заштита во ситуации на полициски интервенции со водени топови, солзавец и димни бомби.

Обука за известување од „природни катастрофи“ од AFAD (Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби), и симулација на земјотрес за да ги искусат мерките што треба да се преземат во моменти на паника.

Заштита од дронови и нивна практична употреба. Препознавање и идентификување на различни типови дронови – од извиднички до борбени, значи и знаење како се движат и контролираат, и на што сè се способни и како да се заштитите.

Евакуација во вода и справување со хипотермија – скокање во ладна вода со облека и опрема не е нешто што го планираш, но може да се случи во реални услови каде секоја секунда е важна. Сценарио што не научи како правилно и безбедно да се напушти брод што тоне, а потоа и како да се стигне безбедно до копно во група, без да се остави ниту еден член.

Практична обука од Одделот за воздухопловство за безбедно качување и симнување од хеликоптер во потенцијална ситуација на евакуација.

Теоретска и практична обука за „експлозиви“, „мини и стапици“ и „опасни зони“ од експерти за деактивирање бомби во Одделот за криминалистика.

Напредна обука од Генералниот директорат за безбедност во сообраќајот за „безбедност на возила“ и „напредни техники на возење“ за ситуации во кои е неопходно маневрирање на возило и справување со итни случаи на терен.

Тимовите на Одделот за специјални операции на турската армија одржаа обука за „безбедно движење во колона“, „методи на заштита од заседа“, „одредување на рута“, „навигација ноќе“, „изградба на засолништа“, „заштита од студ“, „заштита на опрема од дожд“, „препознавање на огнено оружје“, како и обука за лична безбедност.

Правилните постапки под притисок во кризна ситуација и дејствување без паника се основа за лична заштита на новинарите кои често се наоѓаат во центарот на случувањата. И, како што кажа еден од учесниците од Украина, „јас не одбрав да бидам воен новинар, туку војната ги зеде моите најблиски и јас морав да се борам за вистината и слободата“.

Заменик-началникот на Полициската академија, началник Фатих Инал, рече дека ова е тешка програма, но и единствената сертифицирана од ваков вид во светот која ги подготвува новинарите како да се заштитат себеси додека работат во оваа област.

Директорката на Академијата на АА, Зејнеп Бајрамоглу Озтурк, на завршната церемонија порача дека 632 локални и странски новинари досега ја поминале оваа обука преку која „од прва рака ги искусивте вештините потребни за новинарство во вонредни услови“.

Заменик-претседателот на ТИКА, Али Ерџан, изјави дека учесниците на обуката не добиле само теоретска обука, туку изминатите две недели поминале предизвикувачки физички и психолошки тестови. „Стекнавте витални рефлекси и вештини“, порача Ерџан.

Новинарот на МИА Александар Атанасов со началникот Фатих Инал, при врачување на сертификатот за успешно завршена обука.

Програмата го инкорпорира искуството на Анадолија Агенција, како и значајното искуство и експертиза на Полициската академија, Турските вооружени сили, Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби – АФАД и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА во насока на пренесување на нивното искуство и експертиза за работа во воени зони, природни катастрофи или кризни подрачја.
Вкупно 128 новинари и медиумски работници се убиени низ целиот свет минатата година, според Меѓународна федерација на новинари (IFJ). Од нив, девет случајно, додека 58 отсто се на Блискиот Исток. Во Европа регистрирани се десет убиени новинари од кои осум во Украина и по еден во Русија и Турција.
Од 1990 година досега ИФЈ има регистрирано вкупно 3.173 убиства на новинари низ целиот свет или во просек по 91 новинар годишно.
