Меѓународна конференција за форензичка психијатрија почнува денеска во Охрид, во организација на Македонската психијатриска асоцијација и Универзитетската клиника за психијатрија, со поддршка на Светската психијатриска асоцијација.
На конференцијата се очекува да присуствуваат повеќе од 200 експерти, меѓу кои и меѓународни предавачи од Канада, Германија, САД, Мексико, Хрватска, Србија, Словенија и Шведска.
Најавено е учество и на експерти од Институтот за судска медицина, Комората за вештаци, трауматолози и претставници од Министерство за правда.
Во програмата се застапени теми што имаат големо значење за пошироката јавност: заштита на децата и постапување во случаи на злоупотреба, семејно насилство и фемицид; процена на одговорноста и способноста на лица да учествуваат во судски постапки; менталното здравје во затворите; правата на пациентите и етичките стандарди во психијатријата. Ќе се разговара и за деменцијата и правната способност, зависностите и форензичната експертиза на сериските убијци, информираат од Македонската психијатриска асоцијација и Универзитетската клиника за психијатрија.

