Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, присуствуваше на традиционалната манифестација „По стапките на најдобрите“, организирана од Исламскиот младински форум, настан посветен на вреднувањето на академските достигнувања и афирмацијата на учениците и студентите кои се истакнале со своите успеси и посветеност во образованието.
Во рамки на манифестацијата, како што информираат од Општина Чаир, Меџити доделил признанија на истакнатите млади, оценувајќи ги нивните резултати како потврда за значењето на знаењето, дисциплината и континуираниот ангажман. Тој истакна дека јавното признавање на овие достигнувања претставува важен облик на општествена поддршка и истовремено испраќа охрабрувачка порака до младите генерации.
-Едно општество ја покажува својата насока и преку вредностите и примерите што избира да ги промовира. Денес, оддавајќи им признание на истакнатите ученици и студенти, не само што го вреднуваме нивниот труд и посветеност, туку го афирмираме знаењето како еден од најважните темели на општествениот развој. Овие успеси се истовремено мотивација и одговорност за нас кои ги претставуваме институциите. Наша должност е да создадеме услови и можности во кои талентот, способностите и амбициите на младите ќе можат да се развиваат и да ја добијат заслужената поддршка. Инвестирањето во образованието и во потенцијалот на младите генерации е најодржливата инвестиција во нашата иднина, изјави Меџити.
Меџити му упатил честитки на Исламскиот младински форум за организацијата и континуитетот на манифестацијата „По стапките на најдобрите“, истакнувајќи го неговиот придонес во промовирањето на академските успеси и афирмацијата на младите во јавниот живот и повторно ја нагласил посветеноста на Општина Чаир кон поддршката на образованието и развојот на иницијативи што создаваат пошироки можности за учениците и студентите.

