Почна единаесеттото издание на „Малински фото фестивал“ во Куманово кое уште еднаш покажа дека фотографијата на Балканот не е само уметност, туку и сведоштво за времето, општеството и културниот идентитет. Организаторите и учесниците сметаат дека регионот има исклучителни таленти, потребна е поддршка и едукација за младите генерации.

Во организација на Фотоклуб Куманово, вечерва во Занаетчискиот дом во Куманово почна единаесеттото издание на „Малински Фото Фестивал“. И годинава фестивалот, обедини фотографи, уметници и љубители на фотографијата од повеќе земји од регионот. Организаторите посочуваат дека манифестацијата има цел да ја зачува и промовира фотографската традиција, но и да создаде простор за современи авторски изрази и регионална соработка.

Директорот на фестивалот, Владимир Јовановски, вели дека „Малински фото фестивал“ го носи името на првата фотографска фамилија во Куманово, со цел да се зачува и овековечи локалната фотографска традиција.

-До десеттата година беше тешко, после велат сè е полесно, но и понатаму е многу предизвикувачки да се организира ваков настан во Македонија. И кога изгледа дека нешто е невозможно, секогаш наоѓаме решение. Луѓето од културниот сектор ни излегуваат во пресрет и благодарение на тоа фестивалот продолжува-изјави Јовановски.

Присутните ја разгледаа самостојната изложба на македонскиот уличен фотограф Виктор Трајковски кој се претстави со изложба составена од фотографии создадени во изминатите десет години, најчесто на урбани локации и европски градски средини.
-Станува збор за десетгодишен материјал од кој е направена селекција. Минатата година имав една изложба со 42 фотографии, а оваа во Куманово изложувам 46 дела. Во иднина ќе има уште повеќе. Во моите фотографии секогаш има најмалку два поврзани елемента. Тоа се улични фотографии што бараат многу движење, талкање и постојано барање интересни моменти-, вели Трајкоски, кој е член на Фото клуб Куманово.

Присутните имаа можност да проследат фото-проекции на автори од Македонија, Србија, Турција и Бугарија. Новиот и поранешниот претседател на Фото клуб Куманово, Наум Цветковски и Марина Атанасовиќ кажаа дека единаесетто издание на „Малински фото фестивал“, иако не е јубилејно, има особено значење за клубот поради новото раководство и новата енергија со која се продолжува развојот на фестивалот.
-Со нови сили сметаме дека фестивалот треба да добие уште поголема тежина и значење, кажаа Цветковски и Атанасовиќ.

Фото клуб Куманово функционира од 2014 година и, како што велат станува збор за нов клуб кој постепено се развива и создава нови генерации фотографи. Во наредниот период, клубот ќе биде насочен кон поголемо вклучување на младите во фотографијата и уметноста.

Во рамки на вечерната програма беше презентирана и книгата „Во контра светло“ од српскиот автор Зоран Ѓорѓевиќ, која е прогласена за една од најдобрите фото-книги во Србија за 2025 година.
-Книгата е наменета за сите љубители на фотографијата, оние кои ја сакаат и кои штотуку почнуваат. Тука е содржано се, од основите до најновите техники, тука е моето 50 годишно искуство животно и професионално-рече Ѓорѓевиќ.

Организаторите посочуваат дека манифестацијата има цел да ја зачува и промовира фотографската традиција, но и да создаде простор за современи авторски изрази и регионална соработка. Фотографијата денес е достапна за секого, но вистинската уметничка фотографија и понатаму бара знаење, трпение и авторски печат. И покрај тоа, Македонија има активна фотографска сцена. Според проценките на организаторите, во земјава има околу стотина активни уметнички фотографи, како и многу автори кои повремено создаваат и изложуваат свои дела.
