Македонија може да здивне. По подолг период, од утрово нема активни пожари низ земјава. Сите се изгаснати, освен еден, на планината Готен од беровска страна кон Малешевските планини, кој е ставен под контрола. Изгаснати се во Арачиново, Гази Баба, Гевгелија, Кавадарци, Карбинци, Македонска Каменица, Радовиш, Желино и уште четири во прилепскиот регион.Во меѓувреме Владата почна да инвестира во кадар кој е неопходен, посебно за гаснење на пожари од воздух. За првпат, Агенцијата за цивилно воздухопловство кофинансира обуки за нови пилоти, параглајдеристи и падобранци – со субвенции од 50 проценти, до 4.200 евра по кандидат.
„На овој начин покрај тоа што ќе создадеме нови воздухопловци, сметаме дека ќе ги раздвижиме активностите во спортиските клубови и спортските аеродроми кои низ годините соочувајќи се со проблеми, полека замираат, а кои во минатото биле основ за создавање на персонал од кој подоцна, корист имале многу институции“, изјави Драги Стојаноски – Директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски нагласи дека ваквите проекти се потврда дека Македонија може и има капацитет да води големи проекти.
„Тука сме да ги согледуваме состојбите и да ги решаваме. Ќе продолжиме со поддршката, да стимулираме. Важно е дека процесот е транспарентен и се надевам дека на следниот оглас ќе има уште поголем интерес и поголем број на пријавени кандидати“, изјави Александар Николовски, министер за транспорт и врски.
Еден од кандидатите – Марко Колеќески, сакал да се запише на воената академија и да стане воен пилот. Но, кај него постои желба и да научи еден ден да се справува со пожари.
„Да тоа ми е една многу сериозна цел, бидејќи претходното лето особено кога што имавме еден куп воздухоплови од различни држави кога ни помагаа со пожарите, беше докажано дека не можеме да се справиме со сите овие пожари, дека немае доволно пилоти. Нашите пилоти на „ер тракторите“, коишто морам да признам дека ги обожавам, секој ден разговарам со нив, вели возбудено Колеќески. Многу се гордеам со нив, многу ги почитувам и се надевам дека наскоро ќе можам и јас да им помогнам. Не можам да замислам ништо пострашно: со авион да влезеш во шума, во оган, кадешто ништо не се гледа, и во еден момент да се промени тежината на авионот и да те качи нагоре! Мислам дека е екстремно возбудливо и ектремно храбро“, вели Марко Колеќески.
Обуката продолжува, а на јавниот повик кој е веќе најавен – се бараат седум приватни пилоти на авион, три пилоти на лесни воздухоплови, пет пилоти на едрилици, 10 параглајдеристи и двајца падобранци. Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов пак апелираше за внимателност за Илинденските празници, за да не се предизвикаат пожари.

