Македонската економија се зголемила за 3.8% во четвртиот квартал со што просечната стапка на раст за цела 2025-та година достигна 3.5%. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика најдобри резултати имаат секторите: градежништво со раст од 14.6%, стручни и научни дејности со 8.1% и трговија со 4.4%. Ова е само потврда на позитивните економски движења во земјава, коментира министерката за финансии.
„Ова е уште една потврда дека силната посветеност на Владата на реализацијата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци динамика и услови за градба придонесе за динамизирање на економската активност“, изјави Гордана Димитриевска Кочоска, министерката за финансии.
Гордана Димитриевска – Кочоска резултатите се во рамки на проекциите на Министерството за финансии и дека се и повеќе од охрабрувачки, додава дека повисоки стапки на раст во Европа имаат само Малта, Кипар и Полска. За Кочоска овие податоци се резултат на внимателно планирање и поддршка на стопанството, како и одговорно управување со јавните финансии.

„Доколку споредуваме со земјите од регионот растот во Србија изнесува 2,5%, во Хрватска 3,6% во Бугарија 3% во Словенија 2 и така натаму. Растот на економската активност во 4 квартал е на широка основа што речеиси сите сектори забележаа раст“, изјави Гордана Димитриевска Кочоска, министерката за финансии.
Според официјалните податоци растот бил 2.9% во првиот, 3.5% во вториот и по 3.8% во третиот и четвртиот квартал. Ова, според надлежните, е солидна основа за натамошно забрзување на економските активности. Извозот на годишно ниво пораснал за 6.1%, а увозот за 6.7%. Финалната потрошувачка на домаќинствата била поголема за нешто над 2%. Буџетскиот дефицит за минатата година останал во рамки на планираното и изнесува 4% од БДП. Дополнително, јавниот долг бележи намалување и согласно податоците на ДЗС изнесува 59,3% од БДП, што претставува значаен сигнал за зајакнување на макроекономската стабилност.
