Учениците и професорите, стручната јавнос во Куманово, денеска упатија пораки за поголема грижа, негување и современо разбирање на јазикот. Денот на македонскиот литературен јазик денеска беше одбележан во Занаетчискиот дом со свечена академија. Учесниците ја истакнаа улогата на македонскиот јазик, како темел на националниот идентитет, но и како жива материја што се менува.
Манифестацијата, која се одржува трета година по ред, според организаторите има амбиција да прерасне во традиционален настан што ќе ја зајакне свеста за значењето на јазикот. Организаторката Фросина Додевска посочи дека годинава за првпат бил распишан литературен конкурс инспириран од мислата на Блаже Конески „Јазикот е нашата татковина“, кој предизвикал голем интерес кај учениците од основните и средните училишта.

Посебен акцент на настанот даде писателката и есеистка Оливера Ќорвезироска, која во своето обраќање ја потенцираше органската поврзаност меѓу литературниот јазик и дијалектите. Според неа, одбележувањето токму во Куманово, од каде што и таа потекнува испраќа важна порака за прифаќање на јазичната разновидност како дел од единствениот јазичен систем.

-Стандардниот јазик и дијалектите не се спротивставени, туку се природно поврзани. Јазикот се менува, тоа е нормален процес, но важно е да се грижиме како го користиме-нагласи Ќорвезироска.

Таа посочи дека влијанието на странските зборови не треба да се гледа како закана, туку како дел од природниот развој, додавајќи дека клучот за зачувување на јазикот е во читањето.
-Не постои развиен јазик без читање. Читањето е основата и за јазикот и за пишувањето- рече наградуваната авторка.
Професорката по македонски јазик од гимназијата „Гоце Делчев“, Ангела Петковска, оцени дека како заедница недоволно се негува литературниот јазик, што ја наметнува потребата од вакви настани.
-Јазикот е едно од основните обележја на еден народ. Треба повеќе внимание да се посвети на неговата правилна употреба во сите сфери, образование, култура, медиуми- рече Петковска.

Таа се осврна и на влијанието на новите генерации и англицизмите, оценувајќи дека тие се неизбежен дел од современиот живот, но дека е потребна умереност.
-Јазикот се развива и тоа е природно, но кога имаме соодветен македонски збор, нема потреба да се заменува со странски- додаде Петковска.
Професорите велат дека предизвикот не е во зачувување на јазикот од промени, туку во градење свесност за неговата правилна и достоинствена употреба. Во време на глобализација и дигитална комуникација, македонскиот јазик останува клучен носител на културниот идентитет, но и динамичен систем што се развива заедно со општеството.

Свечената академија беше збогатена со културно-уметничка програма во која настапија ученици од основните и средните училишта, учесници на литературниот конкурс, додека Ќорвезироска, како добитничка на наградата „Роман на годината“ беше почесен гостин на настанот.
