Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Ј.К (46) од Скопје за сторени кривични дела „повреда на авторско право и сродни права“ и „пиратерија на аудиовизуелно дело“.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека пријавениот Ј.К, во 2024 година како администратор на фејсбук-страница незаконски и неовластено преку јавна објава на страницата емитувал ексклузивни авторски права на ТВ-серија, кои биле отстапени само за програмски сервис на телевизиска куќа, врз основа на претходно склучен договор.
Во согласност со пријавата од телевизиската куќа доставена до ОЈО Скопје, пријавениот ги сторил кривичните дела така што преку својот кориснички профил на Фејсбук, како администратор на фејсбук-страницата, меѓу другите објавени серии, филмови и документарци, објавувал и епизоди од серијата за кои не поседувал авторски права.
-Постапувајќи по наредба од ОЈО Скопје, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР спроведе истрага во рамки на која го повика пријавеното лице на информативен разговор и привремено одзеде електронски уред во негова сопственост, а по извршена форензичка анализа врз истиот, се потврдија наводите од пријавата и од исказот што го даде пријавениот во информативниот разговор, соопшти МВР.

