Реклама
Македонија

Костадиновска Стојчевска учествува на состанок на Комисијата за правни прашања и човекови права во Талин

Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска учествува на состанокот на Комисијата за правни прашања…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска учествува на состанокот на Комисијата за правни прашања и човекови на Парламентарното собрание на Советот на Европа која на 26 и 27 мај 2026 година се одржува во Талин, Естонија.

На состанокот покрај пратеници, учествуваат и правни експерти и стручни лица од областа на човековите права а дискусиите се фокусирани на меѓународната правда, демократската отпорност и новите технолошки предизвици.

Состанокот беше отворен со поздравни обраќања од претседателот на естонскиот парламент, г. Лаури Хусар и генералниот секретар на Парламентарното собрание г-ѓа Деспина Хацивасилиу, кои ја нагласија важноста на мултилатералната соработка во одбраната на човековите права и владеењето на правото.

Реклама

Една од темите која предизвика големо внимание првиот ден беше растечката улога на вештачката интелигенција во парламентарната работа и јавната администрација, со експертски интервенции за можностите и ризиците што ги носи вештачката интелигенција за демократијата и човековите права.

Учесниците дискутираа и за растечките закани кон меѓународниот кривичен суд, по што следеше усвојување на формална декларација во поддршка на меѓународните механизми за одговорност.

Во текот на дводневниот состанок дебатите ќе се фокусираат и на одговорноста за агресивната војна на Русија против Украина, со сведоштва од правни и безбедносни експерти, како дел од пошироките дискусии за меѓународното хуманитарно право и правдата за воени злосторства.

Дополнително, точките на дневниот ред ги вклучуваат и слободата на изразување за пратениците, потоа заканите за новинарите и бранителите на човековите права во Азербејџан, човековите права, демократијата и владеењето на правото во Иран, како и имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права.