„Мајчиното ментално здравје како приоритет: од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“ е темата на конференцијата што ќе се одржи денеска и во чии рамки ќе бидат презентирани наодите од анализата „Кој се грижи? Мајчинство, ментално здравје и невидливиот товар на очекувањата“.
Како што е најавено, конференцијата ќе ја отвори министерот за здравство, Азир Алиу, а ќе присуствуваат и францускиот амбасадор, Кристоф Ле Риголер, претставници на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, како и претставници на Реактор – Истражување во акција.
Целта на конференцијата е да го стави мајчиното ментално здравје во фокусот на јавната дебата и институционалните заложби, преку препознавање на потребите на мајките и унапредување на достапната поддршка во заедницата и здравствениот систем. Ќе бидат споделени искуства, наоди и препораки поврзани со мајчиното ментално здравје и поддршката за жените во периодот на бременост, по породувањето и раното мајчинство.

Предвидена е и презентација на искуства од работата со жени Ромки во областа на ментално здравје и застапување во Севилја, Шпанија Даниела Миранда Рохас – Универзитетот во Севилја – ЦЕСПИД, како и панел дискусија „Поддршка за перинаталното ментално здравје во заедницата: потреби, можности и следни чекори“.
