Странски експерти од повеќе европски земји ќе ги чешлаат приватните клиники и ќе истражуваат дали ставале непотребни стентови и правеле операции само за да земаат пари. Министерот за здравство Азир Алиу најави формирање комисија која ќе истражува дали биле закажувани хируршки интервенции и за пациенти за кои немало потреба.
За сомнежите се огласи и Фондот за здравствено осигурување. Тие велат дека во последниве 4 години немале претставки за непотребни операции, а биле напревени девет редовни контроли.
Велат дека продолжуваат и понатаму внимателно да ги следат сите прашања поврзани со квалитетот и безбедноста на здравствените услуги што им се обезбедуваат на осигурениците.
ФЗО останува целосно посветен на транспарентноста, почитувањето на законите и заштитата на правата на пациентите. Во рамки на своите надлежности вршиме редовни контроли на јавните и приватните здравствени установи, за да обезбедиме услугите да се спроведуваат во согласност со законските прописи и договорните обврски, инфомираат пд ФЗОМ.
Институциите се кренаа на нозе откако д-р Сашко Кедев во радио емисија изјави дека во Македонија во приватни болници наводно се вршеле операции, отворање на граден кош и стентирање без потреба а единствено мотивирано од профит.
Иако тој не именуваше ниту една клиника, се огласи „Аџибадем Систина“.
Тие остро ја осудија изјавата и побараа докторот јавно да каже на која болница мисли.
Информираат дека одлуките за третман и интервенции ги носеле исклучиво со мултидисциплинарен пристап, базиран на медицински индикации и највисоки етички стандарди.
Одлуките за третман и интервенции се носат исклучиво со мултидисциплинарен пристап, базиран на медицински индикации и највисоки етички стандарди, а веќе 10 години болницата е акредитирана и работи по највисоките ЈCI стандарди за безбедност и квалитет. Во изминатите 25 години, болницата никогаш не извршила хируршка интервенција без јасна медицинска индикација. Нашиот приоритет отсекогаш бил и ќе остане – здравјето и безбедноста на пациентите, велат од „Систина“.
Надлежните тврдат дека ќе ги засилат контролите кај сите приватни здравствени установи со цел подобрување на услугите за пациентите, но и дека ќе реагираат соодветно за секој сериозен сомнеж за можни злоупотреби.

