Во изминатиот период Владата започна сериозен инвестициски циклус во општините, со цел да се надмине долгогодишниот недостаток на инвестиции во локалната инфраструктура и да се решат проблеми кои директно го засегаат секојдневието на граѓаните. Денеска низ општините се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти со поддршка од Владата, што претставува значаен обем на инвестиции на локално ниво – рече Зоран Коцевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.
Станува збор за проекти кои се однесуваат на патната инфраструктура, водоводи, канализации, животна средина, образованието, спортот, културата и социјалната политика, односно области кои се директно поврзани со квалитетот на животот во секоја локална заедница.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку два јавни повици на општини им стави на располагање средства од унгарскиот кредит, кои се преточуваат во проекти кои ги подобруваат условите за живот на граѓаните и своевремено ја развиваат и домашната економија.

Преку ресорот транспорт и врски се реализираат вкупно 814 проекти во вкупна вредност од над 11 милијарди денари, од кои 382 се целосно реализирани, додека 432 се во напредна фаза на реализација.
Следната област со најмногу проекти е животна средина со 183, од кои 45 се целосно реализирани, додека 138 се во фаза на реализација со вкупна вредност од над три милијарди денари.
Во образованието одобрени се 55 проекти во вкупна вредност од скоро две милијарди евра за нови училишта и реновирање на постоечките, за нови училишни спортски сали и терени од кои седум проекти се целосно завршени, додека на 48 се уште се работи.
За македонскиот спорт има 36 проекти во вредност од скоро 770 милиони денари, каде што 10 проекти се целосно реализирани, додека 26 се во фаза на реализација, следува културата со 18 проекти во вкупна вредност од над 822 милиони денари, па социјалната политика со 10 проекти вредност од над 771 милион денари.
80 општини во Македонија учествуваа и добија финански средства од Владата за развој и капитални инвестиции насочени кон подобрување на патната инфраструктура, детски градинки, спортски терени и комунални мрежи.
Така, вкупната поддршка од двата јавни повици на Владата за општините Гази Баба и Прилеп за капитални проекти достигна 12 милиони евра, за општина Велес 9 милиони, за општина Дебар се доделија финансиски средства за 26 проекти, за општина Битола дури за 81 проект, за Струмица 13, за Крива Паланка се доделија средства за пет проекти, додека за Неготино се доделија над четири милиони евра за 12 проекти.
Кога се зборува за бројки, секогаш е важно зад нив да се видат конкретните луѓе и конкретните места, затоа што зад проектите во образованието стојат подобри услови за учениците, зад инвестициите во спортот стојат подобри услови за младите и спортските клубови, а зад проектите во животната средина стојат решавања на инфраструктурни проблеми кои директно влијаат врз здравата и уредена животна средина.
Инвестициите во културата го зачувуваат локалното наследство, додека проектите од социјалната политика создаваат подобри услови за граѓаните кои зависат од јавните услуги, додека инвестиции во инфраструктурата значи дека граѓаните добиваат подобри патишта, водоводни и канализациони системи.
Сите овие 1200 проекти решаваат различни локални проблеми за граѓаните, но заедничкиот ефект е подобрување на условите за живеење, затоа целта на оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е развојот да не биде привилегија само на неколку големи градови и центри, туку инвестициите да стигнат во секоја општина каде што постои реална потреба и квалитетен проект.
Затоа денес може да кажеме дека Македонија е едно големо градилиште коешто може да се види во општините низ целата држава, затоа што граѓаните, без разлика каде живеат, имаат право на подобра инфраструктура, подобри јавни услуги и подобри услови за живот.

