Министерот за здравство Сашо Клековски објави дека по потпишувањето на Планот за соработка, заедно со министерката за здравство на Бугарија, Катја Ивкова ја посетиле Универзитетската акушерско-гинеколошка клиника „Мајчин дом“ во Софија, каде ги пречекал директорот проф. д-р Иван Костов.

Се запознавме, посочува Клековски, со работата на клиниката – најголемата во Бугарија: околу 4.000 раѓања и околу 10.000 гинеколошки интервенции годишно, најголем оддел за предвремено родени бебиња и десет операциски сали.

– Разговаравме за: пренатална дијагностика и неонатален скрининг, урогинекологија, роботска гинеколошка хирургија и онкогинекологија. Разгледавме можности за соработка и размена во неонатологијата и роботската хирургија. Благодарност за отвореноста за соработка! За секој пациент, секој ден, напиша Клековски на својот фејсбук профил.

